Негативните критики и трачевите можат да уништат нечиј живот, свесни сте?
Ова не е текст за лајкови, ова е текст за ослободување. Ова не е текст за пари, ова е текст за менталното здравје. Ова не е текст за да кажете колку авторотот не знае или знае да пишува, ова е текст со силна порака.
Има нешто во луѓето на Балканов што ги тера да се фокусираат само на падовите во животот. Кога некој психолог од странство би ја анализирал психата на луѓево овде, сигурно добро би се забавувал, ама може и би бил запрепастен. Колку што е интересно, толку е и трагично што најголемиот дел од енергијата се насочува кон негативни нешта. Некако на некој чуден начин на Балканците им е вкоренето мислењето дека кога некој ќе направи беља треба да јаде ќотек. Или, кога некој нема да успее во нештото за кое сам си знае колку се трудел, треба да добие бура од негативни критики „не се потруди доволно,“ „сам/а си го бараше,“ „ти реков дека не можеш,“ „треба да се лечиш,“ и сл. Од друга страна, пак, кога некој ќе постигне успех, среќата трае неколку часа или еден ден, а потоа повторно се враќаат на фокусирање кон она што личноста не постигнала. Ова обично се случува во кругот на семејство, оние блиски луѓе кои треба да ти бидат поддршка за сè особено во моментите кога целиот свет ти се руши, свесно избираат да ти судат и да ти го доскаменат срцето. Има нешто труло во психологијата на Балканците, што ги тера да си поттурнуваат и омаловажуваат сè што им е мило, а да воздигнуваат се што им живее в комшии – секогаш детето на комшијата е поуспешно од вас, нели? Денес има многу истакнати психолози во регионов кои постојано зборуваат за важноста на семејството, на разбирањето и поддршката од блиските, за влијанието кое родителите го имаат врз психата на своите деца, ама кој да ги чуе, многу им се гласни турските серии и мислењата на околината.
Тоа е една болна точка која во окови го држи општествово. Ама, тоа не е сè; што правиме со измислувањето приказни за распаднатите врски или бракови, или тоа дека ако некоја има машки пријател кој е во брак, тогаш таа е расипничка и има афера со него? Оваа тема е отворена милион пати, ама без никаков ефект. Еве и при крајот на 2019 година од 21 век, повторно има потреба од тоа да се зборува за ова. Само овој пат, поентата е да се истакне дека освен тоа што луѓето немаат попаметна работа, па затоа измислуваат приказни, овие луѓе, како и оние од првиот пасус, нанесуваат сериозни штети врз менталното здравје на озборуваните и критикуваните. Вие што сте отвориле уста и сте искажале измислица за некоја жена или некој маж само затоа што сте осетиле завист, дали сте свесни дека токму ВИЕ утре може да бидете причина за ставање крај на животот на овие луѓе? Не станува збор за нарушување на репутацијата, тоа одамна е небитен проблем. Станува збор за тоа дека во денешно време каде луѓето трпат притисоци од сите можни страни, некогаш е потребна само една последна искра да го распали огнот и сериозно да го наруши менталното здравје на една личност. Често слушате на вести или читате по порталите дека некоја личност си го одзела животот, па кукате по дома и се молите Бог да ве чува од такво лошо, така? А да размислите зошто тоа се случило? Кој придонел за таква трагедија? Добро е да знаете дека причините за тоа можат да бидат еден куп, од семејно насилство, скршено срце, до психичко насилство. Дали би сакале вие да бидете личноста која го измислила трачот или онаа која го пренела со брзина на светлината и притоа упропастила нечиј живот? Хм, веројатно и не сте размислиле дека можете да бидете индиректни убијци. И на сите вие кои со сласт ги слушате ваквите трачеви, очајно ви е потребно хоби, а и едно огледало за да можете да си го видите сопствениот живот.
Овој текст може да се претвори и во цела книга, ама немате доволно концентрација за да ја прочитате, преоптеретени сте со неважни работи. Затоа, ќе го финиширам текстов. Родители, на вашите деца им е потребна љубов, разбирање и поддршка. Немојте да мислите дека ако се однесувате лошо кон нив или ги критикувате за нивните падови во животот, тие ќе станат подобри личности – напротив. И кога ќе се осамостојат и станат свесни колку сте им го отежнале животот, без размислување ќе ве исклучат и веќе нема да ги имате во вашиот – вие бирате.
Озборувачи, она што го измислувате за другите луѓе еден ден ќе го измислат и за вас или вашите блиски. Универзумот е неверојатен, болката што свесно ја создавате во нечии гради, може утре да ве тресне од земја. Бидете внимателни, делата што ги правите замислете ги како бумеранг – ќе ви се вратат.
И за крај, сите вие кои сте жртви на било која од спомнатите работи, имајте на ум дека еднаш, пред многу години, училишната советничка ѝ рекла на Мишел Обама дека не е ‘материјал за да се запише на Принстон’ оти ги немала сите петки. Среќа, Мишел одлучила да си верува себеси, а не на советничката. И не, нејзините успеси не се должат на тоа што мажот ѝ беше претседател на САД.
„Не сакав да дозволам мислењето на само една личност да го истисне сето она што сметав дека го знам за себеси“. – Мишел Обама, Becoming
Текстот е преземен од сајтот smajli.mk