Не си млад за староста

klinecbalerina-naslovna_majkatiitatkoti

Ја припитоми љубопитноста.
Веќе ништо не ти е толку важно,
секое збиднување може и без тебе:
промоциите на кои не си го
промовираш ликот,
изложбите на кои не се клатиш
на шајката на неминовноста.
Светот е каде-каде поубав без тебе.
Доблестите со кои некогаш се гордееше
ги среќаваш кај незнајни млади луѓе.
Што е тоа што те измести, изобличи…?
Тој си, а не си истиот?
Толку ли е незабележливо стареењето,
преоѓањето во некој друг Ти,
од палаво бебе во млад старец?
Не е преку ноќ, но не е од вчера.
Требаше ли да поминат децении
за да сфатиш дека си само едно
наивно дете излажано од годините?
Староста е незаслужено следување,
а понекогаш и израз на добра волја.
Живот во старечки дом,
со стројни сестри и бели пелени
(колку да го затвориш кругот),
па и тоа треба да се доживее.
Тоа го велиш сега, но за староста
ќе можеш да зборуваш дури
откако ќе ја доживееш.
И тогаш ќе можеш да кажеш дали
изгубиле нешто оние што
си отишле помлади.

Посетено 741 пати