Не барам простување
Сега сме рамноправни во нерамноправноста
Пак се враќам на темата “Југоносталгичари”, омилен термин нанекои тука. Овој пат со повод.
Да не треба да се извинувам што сум родена во едно друго време и долго паметам, да не треба да се извинувам што мојата татковина тогаш беше во состав на една почитувана 22-милионска држава со многу народи и народности, рамноправни меѓу себе; што нашата патна исправа беше една од најбараните во Светот; што можевме без страв да шетаме каде и кога сакаме; што Јадран беше “наше” море, што бевме комотни и со безброј пријатели од Гевгелија до Сежана; што можевме да летуваме, зимуваме, да купуваме станови и коли на рати, а при тоа да бидеме раат зошто фрижидерот ни беше полн; што се школувавме и лечевме бесплатно и….што некои врски од тоа време останаа трајни вредности?!
Да, имаше и такви на кои не им беше лесно и ја напуштија таа голема држава.
Но беа малцинство.
Имаше и такви, кои заради некои “гревови”лежеа в затвор, но такво беше времето. Таква беше политиката, која јас, вие, ние не ја кроевме. Ја кроева “одбрани” луѓе од некакви комитети.
Имаше и такви, на кои им “лепеа прстите” , но и тие беа малцинство.
А како е денес? Дали веќе нема луѓе што бегаат од државата; дали нема политички затвореници; можеби нема ни криминалци?! Дали стандардот ни е подобар од тогаш?! Дали слободата и безбедноста?! Дали денес со таква еуфорија ги славиме државните празници (мислам на народ, не на партиски војници); дали денес искрено, од срце си посакуваме “среќен празник”?! И да…судбината овој пат ни ја кројат “одбраните” од народот.
Е да…порано СИТЕ беа “другарки и другари”. Немаше големи разлики. А другарството навистина се почитуваше. Денес имаме “госпоѓи и господа”…дури и оние што секојдневно роварат по контејнерите. За разликите и вистинското другарство не говорам. Сега сме рамноправни во нерамноправноста.
Е па, среќен им поранешен празник на сите оние, на кои мемориската картичка сеуште не им е насила избришана!
Автор: Е.К