Надвор ми мириса на среќа

tancuva sama_majkatiitatkoti[fblike]
Не ме боли што сме разделени,
ниту пак кога замислувам како продираш во друга
и сеедно ми е што се будам сама,
не ми пречи што дланките празни ми се дур чекорам.
Не ме боли што мирисот ти избледува,
ниту гласот твој ми недостасува,
не ми се стега утробата од секој што наликува на тебе
и не, не ме боли што никој не ми шепоти дека ме љуби.
Не ме боли што ме нарекуваш проклета,
ниту пак ме болат вљубени по улица,
срцето ми е мирно дур им ги гледам бакнежите
и не забрзувам за да ги одминам.
Не ме боли што сум ти дала,
ниту ме боли што си ми зел,
не чувствувам ништо кога твои дребулии по станов ќе најдам,
ниту кога скриена порака од некоја книга ќе падне.
Не ме боли што ме болеше многу,
впрочем така пишано беше,
ниту телово, твоето го бара повеќе,
а и вкусот не ти го помнам веќе.
Не ме боли што сум осамена,
виното можам и сама да го пијам,
одамна танцувам без да сум во нечија прегратка,
а неретко и сама со себе си зборувам.
Некако….ништо не ме боли,
ништо од она што бевме заедно,
од она што посакувавме,
а знаевме дека не можеме да бидеме.
Ама ме боли што ми умре љубовта,
што те отсакав ме боли,
ме боли што ми свена се’ што со тебе ми цутеше,
како дел од себе со тебе да закопав.
Ете,
тука ми е болката,
тука ми е немоќта ,
тука тагата ми преспива…што те отсакав.
И се прашувам…што сега?!
сега ширум ќе го отворам прозорецот,
некако како да чувствувам….насетувам,
надвор ми мириса на среќа!

595x90

Посетено 2.684 пати