Матурска, или свадба, прашањето е сега?

Чудни ли сме ние Македонциве. Зборувам за нашите неверојатно хировити и прескапи сфаќања во врска со прославувањето на матурските вечери. На нашите деца, се разбира. Не можам никако да разберам, зошто секоја прослава по завршувањето на средното образование и званичната иницијација во светот на возрасните на нашите деца, мора да се направи, малтене тие како да стапуваат во брак, или одат во војска, на работа во туѓина?

И, речиси да нема некоја драстично голема разлика во приодот кон овие прослави од страната на родителите кои имаат и на оние, кои немаат.
Па, тоа се штеди со години, се збираат очајно тие грст иладаевра, само за да нашето чедо, вечерта не се почувствува запоставено во однос на своите врсници. Јас знам, и никој жив нема да ме убеди во спротивното, дека приликата за прослава е навистина прекрасна и дека децата стварно треба да добијат честитки и славенички признанија за издржувањето на четиригодишните едукациски напори, но исто така знам дека “матурската свадба” дефинитивно е селска.
Исто како што совршено знам дека немам право да се мешам во интимата на било кое семејство. Едноставно, сугерирам за еден подостоинствен и пред се, порационален, па и поисплатлив пристап кон оваа дежурна тема.

А, факт е дека овие веселби во никој случај не се измислени од децата, туку токму од нивните претходници, кои ете баш таа вечер ќе се покажат. И, дека баш децата се тие кои можат да изастанат на патот на оваа малограѓанска појава, едноставно да постават ултиматум-или нема “свадба”, или правите си ја сами со комшиите, со роднините, со сеирџиите кои потоа, на големо ќе ве оговараат: Те немаше ладни пијачки, те ракијата беше “крстена”, па шо беше она јадење, јадење ли беше, или, ја ја јадам баклавата, а она ме јаде мене…”

А, утредента, кога главите ќе се оладат, кога нашите најмили ќе се вратат од прославата и кога буквално ќе го отспијат целиот нареден ден, ќе се појави прашањето: што правиме сега, бе фамилијо? Од каде пари за летување, за упис на факултет, за нова “кежуал” гардероба, буквално, за живот, кој си тече како да немало урнебесна лумперајка до зорите.

И, нели ќе беше боље, парите искористени за семејната прослава, без разлика дали била дома или у кафана, топтан да му ги дадевме на детево, алал да му се сторат? Тоа, секако ќе занеше да ги искористи подобро, па ќе си заминеше на некој убав, тинејџерски одмор за паметење и никогаш немаше да се пати и да се чуди “како тоа сега, мама и тато одеднаш немаат, а завчера се понашаа како последните богатуни на овој свет”?

И, знам дека ќе има прослави и натаму, и дека тие со текот на времето ќе бидат и поскапи и по-баханалиски, но, исто така знам дека во мојот дом дефинитвно нема да има “матурска свадба”. Или ќе има матурска прослава во договор и по исклучива желба на матурантот и тој ќе си замине вечерта на журка со купче пари, или јас немам појма од животот…

А, како се одвиваат работиве и како децава “не газат” и нефрапираат со своите прекрасни и прогресивни умови, најверојатно е дека ќе биде ова второво, за поимањето на животот.
(…”јеби га, па не беше ни толку лошо. А, и фино се опукавме. Знаеш, дека…)

Посетено 11.310 пати

Сашо Христовски

Сашо Христовски

Сашо Христовски