Мајка ти е курва

ovaa-bw
[fblike]
Убаво живееја. Кога се роди синчето беа пресреќни. После извесно време стана страшно љубоморен и агресивен. Ги тепаше. И потоа се’ ќе стивнеше како ништо да не било. Беше нејзиниот добар и тивок маж.
Комшијата беше доктор за нерви.
Еден ден заѕвони на вратата.
– Има параноидна шизофренија.
– Што да правам? Не сака да оди на лекар.
– Ќе му препишам лекарства. Треба редовно да ги пие.
– Нема да сака.
– Кришум ќе ги ставаш во чајче, водичка, кафе..
Замина лекарот на дуго место, заминаа и апчињата. Стана неподносливо. Отсекогаш беше разумна жена. Се разведе. Остана сама со 5-годишното синче. Го растеше во спокој и мир, беше работлива, тивка, ненаметлива. Брзо поминаа три години.
Почнаа да си разговараат се’ почесто и почесто. Беше комшија од другиот влез. Врсници беа, тој ерген – неженет. Се засакаа до болка. Доаѓаше навечер откако ќе заспиеше малиот или кога беше на викенд кај бабите.
Малиот растеше, веќе почна сам да си игра надвор со децата.
Еден ден се случи катастрофа. Срценцето и душичката му се искршија на илјадници мали парченца.
– Мајка ти е курва! Мајка ти е курва! Мајка ти е курва!
– Не е! Е, не еее!
Истрча дома, горко плачеше, течеа солзите. Ја опфати околу половината и потоа почна најсилно што можеше да ја удира во мевот, да рика, да плаче, да цивка….
– Мамо зошто си ти курва? Зошто!? Зооошто!?
– Не сум сине.
– Мајките на децата им кажале. А мајките се’ знаат!
– Не знаат сине мој, не знаат.
– Како не знаат, па тие се мајки!?
Едвај го созеде детето. Вечерта спиеја заедно. Почна рамномерно да дише, потона кутрото во мирен сон, а таа тивко плачеше цела ноќ.
Дојде викендот и тој заѕвони на вратата. Ах, колку се радуваше во тие моменти. Срценцето и’ потскокнуваше. Сега не беше така. Ја отвори вратата. Тој направи брз чекор итро да влезе кај неа (за да него видат комшиите). Таа го сопре нежно со раката.
– Што е мила?
– Немој да влегуваш веќе.
– Ама зошто?
– Не те сакам повеќе. Збогум!
Плачеше со денови и ноќи. Срцето и’ се кинеше. Еден ден си рече – имам дете за гледање.
Зарем досега не го гледаше?

Дана Прелиќ

595х90 px-01

Посетено 15.466 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!