Магаре и музика

На сликава имате стара жена со раката преку уста, симбол на вчудоневиденост, ама и на молчење. Потоа имате возрасен човек кој исто така молчи, без видливи емоции на лицето, а стои со рацете во џеб, буквално. И на крајот, група млади луѓе, кои не само што не се згрозени од настанот, туку и се шегуваат по повод истиот. И никој, ама баш никој, не реагира. Без мудрување околу тоа дали е умесно да се мешаме во приватни животи или кој што можел да направи во ситуацијата, ќе ве потсетам на едно видео од скриена камера снимена на улица во странска земја која се емитуваше по социјалните мрежи неодамна. Нејзина цел беше да се утврдат реакциите на случајни минувачи на сцени на насилство над мажи и жени. И во сите, ама буквално во сите случаи, реакција имаше! Некаква. Било каква. Дури и обиди за физичко совладување на насилникот. Денес на автобуската станица во Скопје, никаква реакција за спречување на насилството немаше… освен чудење од старицата, гледање сеир од возрасниот маж и исмејување од младите.

И на крајот уште една слика. На неа држава како Македонија во која секој секого може да тепа пред очите на сите и ништо да не му се случи и во која конзервативизмот се негува на сите полиња преку култот за жената – мајка со три деца, домаќинка и доилка. Во која се фрлаат пари за реклами „Стоп на насилството, пријави насилство, побарај помош“ како маска, а задкулисно, заштитата на оној што ќе пријави насилство и оној што ќе побара помош е еднаква на нула. Впрочем, сме читале изминативе години за многу случаи кога насилник, како оној денес, претепал или убил некој близок, многу често баш затоа или откако бил пријавен. И нормални држави во кои на улица, на јавно место не смееш да го потчукнеш детето по газето бидејќи упорно и упорно ти бара сладолед, а ти не му купуваш, зошто ако те видат или пријават, ќе ти го земат!

Разлика меѓу државиве и народот кој живее во нив – магаре и музика! Магарето, се разбира, сме ние!

Посетено 6.741 пати