Лузна
Беше толку немирен како дете, што еднаш заврши удрен со камен по глава. Во младоста не помалку бесен. Кадравата коса си ја пеглаше за да ја исправи, носеше менѓуши и слушаше хеви-метал музика. Беше убаво момче со очи во боја на море, ведар и весел, од оние шегаџии без кои не почнуваат забавите во друштво, а со кои никогаш не завршуваат. Кога наполни 26 години, во екот на младоста, си ја имаше најубавата девојка на светот и си мислеше дека не постои ништо што може да го запре…
[fblike]
Се додека еден ден не се обиде да ги стави цигарите во џеб, а левата рака не го послуша. Се обидуваше да ја контролира со мозокот, но таа веќе не беше негова. И тоа продолжи. Нападите во левата рака не престанаа, посетите по лекарски ординации почнаа. Половина година. Од тропање по ординации и десната рака му отрпна. Никој не знаеше што му е. А тој само сакаше да знае дали некогаш ќе може да си ја врати раката назад, да си биде повторно мирна и негова. По долга и макотрпна неизвесност, случајно налета на лекар кој го познава. По само еден разговор и преглед, итно го прати во Скопје. На снимање на главата. И таму го најдоа тоа што тој го бараше. Над десното уво, на истото место каде како дете беше удрен со камен. Тумор. Од тогаш растел и се проширил до половина од черепот. Итно го оперираа. А тој како да не беше свесен што му се случува. Си остана истиот шегаџија без кој не почнуваа забавите во болница, но без кој завршија по долги два месеци престој во неа кога му ја дадоа отпусната листа. Единствено тогаш, еднаш, кога излегуваше од болницата за да си оди дома, духот го изневери, а тој, шегаџијата, сите ги изненади кога падна на колена на плочките пред влезната врата и заплака како мало дете кое завива од болка откако е удрено со камен. Непознато е, навистина, која е таа сила што на човек со изваден тумор од главата цели два месеци му го остава духот недопрен. Можеби за тоа е виновна и мајка му на која исто така веројатно некоја невидлива сила и даде воља и умешност цели два месеци да го лаже својот син дека раната не е страшна, дека му се ставени само 5 конци, а всушност беа 35? Кој знае? Веројатно само тој, мајка му, брат му и татко му, кој почина неколку години подоцна. За убавата девојка не сум сигурна затоа што не е веќе крај него. Не си замина кога тој заврши во болница, но колку што знам, нејзиното заминување, случајно или не, баш тогаш почна. Кога си замина и туморот. Само терапијата со апчиња кои ги пие еве веќе 13 години 3 пати на ден и ведриот дух негов, му останаа. И лузната од 35 конци што не се брише. Но верувајте ми, преубаво му стои.
Синојка истиот тој човек го прашав „Што е тоа што те прави среќен?“, „Тоа што околу мене имам луѓе кои ме сакаат и што сум здрав“, ми рече. Па додаде „Што повеќе да барам? Малку ми треба да бидам среќен.“ И го заслужува секое грамче од таа среќа. Зошто денес, и покрај се, тој човек е истиот уметник каков што некогаш беше. Им црта насмевки на усните на луѓето што не се бришат… И верувајте ми, преубаво им стојат…
Посетено 5.016 пати