Кукурек генерација

dete kukurek[fblike]

Од децата направивме кревки, нежни и болежливи суштества! Миејќи им ги рацете на секој чекор со сапун под чешма, кај што нема чешма со влажни марамчиња, кај што нема влажни марамчиња, трчи купувај во најблиска трафика. Им преслакаме маички ако имало и најмала флекичка, ги фрламе за перење ако ги фатила и најмала прашинка. Им бришеме и пребришуваме по 100 пати се што ќе допрат, немој случајно прљаво да е… Седни во парк кај што има деца па ќе чуеш реторика: Фрли каменот, прљав е! Не се тркалај во песокот, прљав е! Не ја куби тревата, прљава е! Не го фаќај дрвото, прљаво е! Хигиена демек. Моето дете чисто демек. Здраво демек. Уствари обратно е. Колку почисто, толку поболно. Во првиот допир со бактерии некаде… во градинка, во школо, на игралиште, каде ќе те нема тебе да му кажуваш што смее да допира… ќе ги закачи. Зошто? Затоа што нема имунитет дете чувано како билка под стаклено звоно! Не се будали странцине што ги пуштаат децата да се ваљаат во прашина и кал и кога врне и кога вее! И после чудно ни е, како тоа кај нив антибиотици не се препишуваат, а кај нас сеопшто антибиотско труење! И после старите не знаеле како се чуваат деца, младите знаат, помодерни се, понапредни, поначитани? Што дека?
Ние, децата од мое време, потемни бевме. Не дека потемен тен имавме, туку поцрни во лицата си бевме. И во рацете. А во стапалата и да не зборувам. Се трчаше надвор, сме трчале босоноги, по цели денови. По папучи, какви патики… само и само по пластични папучи! Се играше жмурки по цели ноќи. Сме се пикале позади дрва, во грмушки со пајаци, по отпади, позади прљави коли што ги бришевме со маиците. Рипавме во прашина играјќи ластик од утро до мрак. Машките џамлии на колена, на земја. Ако си ги испрљаш рацете позначајно, се знае, не трчаш дома плачеечки – мамоооо, се испрљав, избриши ме, туку фино лепо од алиштата си се бришеш! Кога ќе се приберевме дома, како ќумурчиња. Не можеш никако да се измиеш доволно, освен ако не се пикнеш во када. А ако бевме преуморни, какви што често бевме, не беше страшно и само да се подзамиеш со вода пред да си легнеш и заспиеш ко трупче. Онака фушарски, проплакнати рацете во дланките до зглобови, а нагоре бразди од кал, црнила. Иста прикаска и со нозете. Се изми? Се измив мамо… а по теписите темни траги оставаш. Истите оние на кои утредента ќе лежиш и ќе се тркалаш. И? Ни фали нешто? Ма јок! Генерација кукурек! Здрави и физички и психички. Воспитувани по онаа – пушти ги, така растат децата! Во време кога никој ќутек не изел затоа што се испрљал, во време кога ќутек се јадеше само кога нема да ги почитуваш постарите и кога устата ќе си ја испрљаш…

595x90

Посетено 1.141 пати