Ќе си простиме

ќе си простиме
што се најдовме
во време-невреме
кога судено не ни било
еден со друг да се сакаме
ќе си простиме
за зборовите
сурови и остри
со кои како сабји
душите си ги искасапивме
ќе си простиме
за љубовта
која еден со друг си ја дадовме
со мисла за збогум
во умовите што ни клукаше
ќе си простиме
за топлината
со која телата си ги обвивме
и оган во нив запаливме
за голи на студ да се оставиме
ќе си простиме
за прегратките
во кои срцата си ги испреплетивме
за од градите да си ги откорнеме
а сега со троскот ги обраснавме
ќе си простиме
за бакнежите
со кои живот си подаривме
пред отров еден од друг да се напиеме
и за навек да се отруеме
ќе си простиме
за болката
од немоќ и страв што ја имавме
со која како камшик кожите си ги покривме
за вечни лузни еден од друг да носиме
ќе си простиме
ти мене
јас тебе
оти се најдовме
за зборовите
и љубовта
за топлината
и прегратките
за бакнежите
и болката
еден ден
со копнеж еден на друг ќе се сеќаваме
и со милост ќе си простиме
во срцата пред да се закопаме
и еден со друг да се заборавиме
Посетено 2.061 пати