Ќе ме паметиш по дождот

ke me pametis po dozdot_majkatiitatkoti[fblike]
повторно се среќаваме
еден со друг со поглед се купуваме
како на распродажба да сме
па од сите дребулии
ете
си одбравме она што ни треба
ти мене душава
јас тебе срцето
за мирно да спиеме
и во сонот да се насмевнуваме
ти со душата моја наместо перница
јас пак со срцето твое
до моето сместено
за да сум една од оние жени
знаеш, жени со две срца
повторно се среќаваме
како никогаш да сме се изгубиле
како време да не поминало
и да не сме се изрешетале со зборови
од кои устите сме ги испоганиле
и со нив душите низ ренде поминале
како да не сме остареле
како нови
како нови да сме
со истиот трепет еден во друг се вљубуваме
раните со солзи ги одмиваме
на одраните места мелем ставаме
и како на детско коленце дуваме
да за помине, побрзо да е
а потем нежно се преврзуваме
повторно се среќаваме
иако овојпат многу време немаме
оти истенчени ни се сенките
а мојата полека ја снемува
како на зајдисонце
или кога ќе се наоблачи
та ќе дувне ветер и дождец ќе прокапи
за да дише земјата
и живот од неа да се создаде
ете така и јас во тебе
од тоа семе во тебе пак ќе се родам
за да не ме заборавиш
и ниту случајно да не изумиш колку твоја бев
секоја есен на мене ќе ти мириса
знам, ќе ме паметиш по дождот
Посетено 3.817 пати