Грешка во еволуцијата


Сабајлево во автобус на ЈСП. Парното исклучено, температура под нулата. Станувам и му велам на шоферот: „Ај ве молам пуштете го парното, измрзнавме.“ Тој мене: „Не работи!“ Го прашувам зошто не работи, дрско ми одговара: „Сега јас овде треба да возам или на секој патник да му објаснувам зошто не работи парното!?“ А патниците молчат. Никој да ме поддржи во барањето. Си мислам, што им е на луѓево? Убаво им е? Топло им е? Или им е страв да не ги препознае шоферот следниот пат кога ќе се возат, па да не не ги пушти да влезат во автобус? Не ми е јасно навистина. Враќајќи се накај местото каде што седев, дури и ми се причини дека во мене завршија неколку остри и обвинувачки погледи од типот „Види ја, некултурна бунтовничка, нема разбирање за кризата во државава!“ Само жената што седеше до мене откако се вратив промрмла тивко „Во право си девојче, ова нема смисла.“ Помислив да ѝ речам „А да го кажеше тоа погласно дур се бунев јас?!“ Па си премолчив. Оти не неа, на цел автобус требаше истото да им го кажам. Дека не се возат гратис за да трпат студ, дека си плаќаат поштено и дека имаат право да бараат да им биде топло додека се возат! Ама кому тоа ќе објаснуваш!? Не вреди. Се помируваш со судбината дека живееш во средина во која е срамота да се буниш, која е навикната да трпи и голта и си потонуваш во тишината… и во сцената. Совршен сетинг за снимање на ново продолжение на „Ice Age in the 21st Century“! А ти си дел од неа. И додека постепено го губиш осетот на рацете и нозете, си размислуваш… мора да е некоја грешка во еволуцијата, дебелокожни мамути отсекогаш сме си биле или во меѓувреме сме станале?

Посетено 9.025 пати