Чевлички што растат

Му паднало жал на човек Американец што живеел привремено во Кенија за сиромашните деца што оделе боси и често се повредувале од остри предмети и срчи. Па се досетил да измисли „чевлички што растат“, за 5 години, 5 броја во величина. Во две величини одат, една за од прво до петто одделение, друга за од петто до деветто. Оригиналните чинат 10 долари, гумените во имитација 2 долари. Бидејќи се направени од гума, лесно се виткаат, само се попушта нитната напред и ете го растењето. Сега Американците им ги праќаат на децата од Африка како донации. Вели: нарачај, плати и избери адреса каде сакаш да ги донираш чевличките. И од тоа бизнис си направиле.

Идејата и креативноста на страна. Ќе си речеш вауууу, што фино. Ма да, браво. Човештвото напреднало. И човештината. Во 21 век, што друго да очекуваш освен развој и нови изуми и да, хуманост, кон бедната Африка (читај кон дијамантите). Баш, баш, досетливо. Билиони и билиони евра и долари за конвенционално и нуклеарно оружје, а за босите детски ноџиња – чевлички што растат. Па да, зошто да се фрлаат пари на чевлички секоја година, кога за 2 долари можат да си ги носат 5 години, нели? Плус ќе се заштедат пари барем за уште една бомба. Аплауз! За секој 1 мал детски чекор направен со чевличките што растат, 1 милион гигантски чекори назад за човештвото и човештината!

Посетено 617 пати