Градиме мостови

gradime mostovi_majkatiitatkoti[fblike]
Градиме мостови
преку реки пресушени
како секој миг да ќе надојдат
и во неповрат ќе однесат
се’ што сме си кажале некогаш
полека и стрпливо мостови делкаме
од дрво ги токмиме
како да ќе можат да додржат
и зборовите да ни ги зачуваат
кога водата ќе ги измие сеќавањата
градиме мостови
преку срцата наши оштетени
патиштата до нив си ги бараме
небаре на крстопат сме
и по мирисот нема да се најдеме
ете така, мостови полека лепиме
демек полесно ќе е да не се изгубиме
чунки ветар во душите немаме
па со едно дување нема да зацвилат
и со себе се’ да однесат
градиме мостови
ти до мене
јас до тебе
до она што со љубов сме создале
кога еден во друг сме се вдомиле
градиме
упорно и без престан
веќе и сме заборавиле што
ама само колку нешто да се прави
за да не се заборавиме
и дур телата ни самуваат
а дланките провев ни фаќаат
и усните ни се сушат
со последните сили мостови градиме
до љубовта наша да стасаме
градиме мостови
за еден во друг да се најдеме
и еден со друг да се препознаеме
нашите кутри мостови од копнежи ги плетеме
кревки и нежни како тивкото “збогум” што сме си го кажале
Посетено 643 пати