Дедо ми и славејчето

[fblike]
petre prlicko=pocetna_majkatiitatkoti
Драги мои пријатели. Минатата недела се навршија 20 години од заминувањето на дедо ми Петре Прличко, на оној свет. А изминатиот викенд, се одржа јубилејното 45-то ‘Златно славејче“, на овој свет. Две работи што го одбележаа моето детство. Оваа приказна што ги спојува дедо ми и “Славејчето“, е од мојата последна книга “Облечен човек“.

Некаде на крајот на летото 1995, дедо ми 5-ре легна на смртна постела. И никогаш повеќе не стана. Често одев да го видам, ама немаше што многу да се види. Еден стар боем кој стигнал пред самиот крај. Ама, не сака да го признае тоа, иако жолтилото на неговото лице изгледа како нападна, погрешна и лоша шминка. Деновите му беа одбројани. Само се чекаше моментот кога ќе ја одигра смртта во живо, па ќе ја каже репликата што ја кажува пред да го обесат на камбанаријата, во мојот прв, а неговиот стоти филм “Македонскиот дел од пеколот“.  И откако ќе му го стават јажето околу вратот, тој вика:
“Е па, збогум свету посран. Еби се сега сам, без мене.“
И тоа се случи многу бргу. Се сеќавам, како вчера да беше, пријателе мој, таа година веќе традиционално го водев “Златното славејче“. Универзална сала. Седум дена, десет милијарди деца. Е, тоа е стрес, пријателе мој. Цела недела да ја поминеш со сто деца зад сцената, уште десет илјади во публиката, плус татко ми Џамбаз. Јас таа година, според сценариото, бев “глупав водител“, па правев триста керефеки на сцената. децата полудеа. Божем не разбирав апсолутно ништо, им ги грешев имињата на децата и песничките, а сите познати детски бајки и басни, ги раскажував тотално погрешно.
“Црвенкапа тргнала низ шумата да сече дрваааа…“
А, илјада деца врескаат:
“Неееееееее…“
“И црвенкапа ја сретнала Снежана, со четирите прасиња…“
Децата во делириум:
“Нееееееее…“
“Па дошол принцот, ја бакнал бабата, и така си живееле среќно до крајот на животот, заедно со седумте џуџиња.“
Публиката во екстаза. Татко ми Џамбаз уживаше повеќе од децата. Тој ден игравме попладневна претстава, Беше некој студен Ноември, градот пуст, како умрен, сите седат по дома. Единственото место во градот кое можеше да се пофали со позитивна атмосфера, беше нашето детско катче. Тоа беше журка проследена со ширум отворени детски очи, плус нивната најскапа и најслатка насмевка. Единствената, детска насмевка, која толку невино, ама сосема точно знае да ја изрази радоста на живеењето. И некаде на пет песнички до крајот на фестивалот, стоев на сцената некаде меѓу дечињата од хорот на “Славејчето“. Марширавме во место, и заедно со изведувачот го пеевме рефренот на новиот детски хит. Во еден момент, сосема случајно погледнав на десната страна. Видов како директорот на “Универзална“, стариот, добар чичко Предраг, ми дава знак да излезам од сцената. Околу него наредени сите оние што беа зад завесите. И сите со наведнати глави. Веднаш знаев, пријателе мој. Знаев дека дедо ми 5-ре го отерал светот во три пички мајчини. Дојдов до чичко Предраг, а тој само ми го потврди сомнежот: “Отиде Петре…“ Си замина дедо ми. Отиде тивко, и немаше потреба да бара дозвола за влез во легендите. Тој таму беше одамна. И сега, додека го пишувам ова, пријателе мој, го држам неговото луле меѓу забите, наполнето со тутун каков што тој сакаше. Собата замириса на дедо ми 5-ре…
Зошто ме нема мене на снимката, а го водев фестивалот?

Посетено 2.038 пати