Да му се насмееш на животот
Да му се насмееш на денот
Радувајќи му се ко дете на играчка
Да си го сакаш лицето наутро
Без шминка а со линии од перницата
Да си ги љубиш рацете
Гледајќи ги дур возиш низ метежот
И ич да не ти е гајле што веќе имаш старечки пеги
А не ставаш лак за нокти, кои и онака ги немаш
Да пееш на сиот глас ко ќе ти ја погодат песната на радио
И на оној до тебе ко ќе те погледне ко да не си токму
Да му намигнеш и да попуштиш уште малку погласно
Да си го изгушкаш детето пред да излезе од автомобилот
И да го посрамотиш отворајќи го џамот, викајќи на сиот глас
“те сакам најмногу на светот, убав ден да имааааааааааааааш”
Та до работа дур стасаш да не есапиш нервозни луѓе
И за инает да им се смешкаш ко да ги познаваш
За да им стани незгодно што те гледаат намќоресто
Да се радуваш на денот
Да му се насмееш на животот
Оти каков и да е, твој е
И во твоите раце е одлуката дали ќе си го направиш поубав
Да љубиш и гушкаш
Да плачеш заедно со оние за кои душата те боли
Да врескаш заедно со нив
Како да можеш дел од нивниот бол да земеш
И низ вресок да го отераш во мајчината
Да се смееш
Да се кикотиш со главата крената кон небото
Небаре можеш облаците со смеа да ги растераш
Да погалиш
Да погалиш со сето срце и цела дланка
Не плашливо и скржаво ко да се наплаќа за нежност
Да погалиш и да не се тргаш кога туѓа дланка на лице ќе сетиш
Радувај се драги мој
Научи да му се радуваш на животот
И дека секогаш има и подобро и полошо
Од она што токму ти го живееш
Но дека не е случајно зошто токму тебе тој живот ти се паднал
Научи дека секоја секунда е претходник на она што допрва ќе се случува
И дека со секој здив си поблиску до смртта
Научи да не фаќаш кусур кога се лоши со тебе
Кога ќе сетиш потсмев во нечии очи или зборови
Суетен не биди и не враќај
Оти на лошото не можеш да вратиш ако и сам лош не станиш
Научи да се бориш за она што го сакаш
Дал човек бил или идеал, сеедно
И двете вредат за да не спиеш со ноќи
И да си силен и чесен дур дишеш на овој свет
Диши љубов
Дај љубов
Засади живот
Откорни коров
Стокми еден ручек за најблиските
Колку и да немаш поим од готвење
Фотографирај се со оние кои ги љубиш
За да ја ставиш сликата во рамка
И да ја наместиш така да можеш често да ја гледаш
Радувај му се на животот
Радувај му се на секој миг
Радувај му се безобразно многу
Со сите сетила и на сите начини
Диши љубов
Дај љубов
Биди љубов
Биди Ти