Грешка! Ама колку и да сакам, не можам да те наречам така…

Грешка! Ама колку и да сакам, не можам да те наречам така. Ниту ми беше пријател, ниту љубов, за љубовник да не зборам. Такви одговорности немавме. За кратко се ќе ти објаснам, без гајле.

Влезе во мојот живот, зошто те пуштив, така силно тропаше на вратата. Не дека си бил нападен, невоспитан или некаков неранимајко, таквите едноставно ги буткам по скалите. Упс! Упорно се гребеше за место во мојот живот.

Ми беше забавен. Со тебе се смеев. Гледавме филмови, си раскажувавме истории. Всушност, ти ми ги раскажуваше своите – детство, јунаштво, врски (со имиња, ооо Боже, прво – тоа не се прави, и второ – тие врски секој нормален маж би се срамувал да ги спомне, камо ли да прецизира, зошто преку тие објекти само брзиот воз не поминал, барем не сеуште.)

Сигурно сакаше да те сфатам сериозно, како исклучително посакуван, харизматичен и верен маж. Џентлмен! Неспорно беше умен и начитан, инаку воопшто немаше да се занимавам со тебе, но уште на почеток ги имам определено границите на нашето пријателство. Подзина, знам. Ама мажот е маж за да тропне, а дали ќе му отворат… еее, тоа веќе е друго прашање. Елегантно те отсеков. Ти се отргна елегантно.

Останавме на нивото – слатка приказна, кафенца, пивце, ракијче со салатичка, хахо-хихи, таа книга, онаа песна, чудно филмче, гушка и бакнеж пред влезот, најнормални понашања меѓу маж и жена, кои не гледаат во другите маж и жена. За себе гарантирам. На неколкуте твои кратки прашања зошто не останам да спијам кај вас, одговарав низ смеа, ооо, да ама друг пат. После ти здосади и престана да ме прашуваш. И беше прекрасно – дружба за век и векови, како што се викаше едно време.

Ми значеа патувањата натаму – наваму, ги издржав собирите со твоите пријателчиња, слатки ми беа глупостите и смеата. Взаемно си требавме. Ми беше пријателче. Јас си имам круг, ти си имаш свој, идеалната комбинација.

Да, ама со тек на времето сфатив дека ти немаш круг туку вртлог – се стремеше на секого да се допаднеш, секој да те сака, со секој да се зезаш, тука да те видат, таму да те забележат. Јас тоа го викам нарушување на пространството. Реалното и виртуелното.

Кога сум пријател, пријател сум и во добро и во лошо, затоа многукратно се обидував да ти објаснам дека таквото однесување не работи во твоја полза, напротив. Тактично, со параболи. Е, јас немам завршено педагогија ама сега горе-долу ти објаснувам за да сфатиш.

Еден маж може да не е богат, да не е убав како манекен, да не е успешен, да не е крем де ла крем, да не е супермен, но задолжително треба да е со карактер. Машки!

Да стои на зборот, да не се крие како глувче од проблемите и да остава друг да му ги реши или да си мисли дека тие ќе исчезнат сами како дим. Од таков секоја нормална жена бега со 300 km/h. Независно како си се покажал на прв поглед.

Минато време. Ти помина времето. Разбра ли зошто? Не дека имам големи надежи, рака на срце, сеедно ми е. Зошто никогаш нема да ми текне на тебе, освен како бивш… само како таков.

Ако воопшто ми текне…

Секое добро, Твојата Безгласна!

Ivana Ivanchy

Посетено 6.348 пати