Чиста сметка – долга љубов

dim od cigara

Кога седнувам на кафе со некој што не е пушач, понекогаш ми е непријатно. Особено кога ќе чујам негодувања од типот „Тууу димот се накај мене иде“… како да од мене зависи, како да јас можам да му го сменам правецот на ветрот. И покрај тоа, инстиктивно мафтам со раката за да го растерам димот и расчистам воздухот за да биде погоден за дишење. Се оддалечувам, ја преместувам цигарата во другата рака, го испуштам димот некаде на страна. Врат си кршам. И се ова додека седам надвор. Кога е потопло. Во зима обично стоиш и ѕенѕаш.

Само пример ви дадов за чувствителноста на пушачите. Да се разбијат одредени предрасуди за нас! Искрено, смачено ни е од забелешките дека сме нечувствителни, дека сме себични, дека намерно сакаме да ви го уништиме здравјето! Ничие здравје смислено и плански не уништуваме! Освен своето, и свесни сме за тоа, не мора да ни држите лекции.

Мислата ме донесе до Законот за забрана на пушење на јавни места. Во основа добар е. Ни требаше. Не заради нас кој веќе сме се зезнале, туку заради децата. Заради превенција. Но во исто време е и премногу ригорозен за поднебје во кое повеќе од половината од населението се пушачи. Сметам дека може да се модифицира, и тоа така да ни пушачите ни непушачите не бидат загрозени:

Прв предлог: Во јавните установи – просторија исклучиво наменета за пушачи. Ионака секаде се пуши, само што се кријат, пушат на прозор, цигари се гасат во хартија или во пластични чаши или кој каде стигне набрзинка, па после од кај пожар. А онаму каде е строго, тоа се прави надвор, пред зградата. Па ќе видите куп наставнички со цигари во рака на голем одмор во школски двор додека децата трчкаат околу нив или службнички од банка по тротоари. Невкусно. Онаму пак од каде произлезе забраната, онаму каде најмногу треба да се почитува (влада, собрание, министерства), таму се пушат цигари увелико без криење. Знам. Сум била. Со свои очи сум видела.

Втор предлог: Кафичи, ресторани, угостителски објекти да се регистрираат по избор, за пушачи или непушачи, слично како што има можност за избор на хотелска соба – smoking/non-smoking. Уверена сум дека и едните и другите ќе имаат свои редовни муштерии.

Трет предлог: Не знам колку е изводлив насекаде, ама по избор угостителите би можеле физички целосно да ги раздвојат просториите за пушачи и непушачи со добри системи за вентилација! Поентата ми беше, колку што вие не сакате да ве труеме, дупло повеќе ние не сакаме да ве труеме вас. Никој не сака да го гледаат попреку, да се разбереме! Вака, физички одвоени (ама навистина, не како до сега со импровизации), чиста сметка – долга љубов.

Четврт предлог: Да ги оставам цигарите! 🙂

Посетено 1.580 пати