„Барам работа молам бога да не ја најдам“ е типично македонска “работа”

baram-rabota-pocetna_majkatiitatkoti
Народната поговорка „Барам работа молам бога да не ја најдам“ е типично македонска, таа можеби најдобро го отсликува нашиот менталитет. Македонците се народ што е љубезен и гостопримлив, барем така странците не доживуваат, но што не е многу работлив и вреден. Тие се пребирливи при изборот на работа, а тоа го потврдуваат многу приватни компании – сите сакаат да бидат државна администрација – велат оттаму.
Веројатно причините за тоа лежат некаде таму во претходниот општествен систем кога важела онаа старата „клати врата, земај плата“. И денес е исто на некои позиции во државните служби.
Но кога некоја приватна компанија бара вработен што нема да има фиксна плата, туку ќе треба вистински да си ја заработи, проблемот е најголем. Ентузијазмот не постои, освен кога станува збор за работа во странство – тогаш сите би работеле се, без оглед на струката. Исклучок се само големи добростоечки компании како Пивара, Алкалоид, Телеком, каде што сите „сонуваат “ да се вработат.
Инаку, главна мотивација, особено за младите луѓе, е работа надвор од земјава, иако и таму, во светот, тешко доаѓаат до квалитетна работа поради јазичните бариери и доселеничкиот статус. Малкумина од нив, додека се на студии тука, сакаат да си го заработат џепарлакот, иако истото го прават надвор. Иако, според некои статистики, најголемиот број невработени се токму млади до 29 години.
Зачудувачки се и податоците добиени од една анкета за работното време која покажа дека Македонците го сакаат старото работно време, тоа кога администрацијата работеше од 7 до 15 часот. Дури 75 проценти се изјасниле дека би сакале да одат на работа во 7 часот наутро, а да се враќаат дома во 15 часот попладне. Во светот одамна постојат компании во кои вработените може да избираат кога ќе одат и ќе завршуваат со работа во зависност од тоа кога се најефективни. За нас очигледно тоа е мислена именка.
Работите не се многу променети, иако земјава е во длабока економска криза, а стапката на невработеност е загрижувачка. Ако барате маркетинг агент што ќе треба да си ја обезбеди платата во зависност од тоа колку клиенти ќе донесе, потргата ќе ви биде залудна. Таквите се бројат на прсти. Ако барате продавачка таа ќе инсистира на фиксна сума. Дури и мајстор за по дома не се наоаѓа лесно, сите се жалат дека немаат работа, а кога треба да ги договорите ќе ве влечкаат со месеци.
По сè изгледа дека Македонците, сè уште се длабоко заглавени во навиките од претходниот социјалистички систем, поради што тешко, или воопшто, не фаќаат чекор со светот.

 

Посетено 1.921 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!