Мусли или гранола – што е подобар избор?


Муслите во моментов се најголемиот светски тренд при избор на здрава ужина

Муслите се мешавина од овесни снегулки со различни суви овошни плодови и семиња, додека корнфлексот е производ добиен од пченка, па така разликата меѓу нив е очигледна. Но дали ги разликувате производите мусли и гранола? И двете се слични по состав, но се разликуваат според една многу важна состојка, а таа состојка е шеќерот.

Мусли

Создадени се од швајцарскиот лекар Максимилиан Бирчер Бенер – Maximilian Bircher-Benner за потребите на пациентите во неговата болница. Тој практикувал режим на исхрана што изобилува со свежо овошје и зеленчук, како основен дел од терапијата. Зборот „мусли“ во слободен превод од стандарден швајцарски германски јазик, значи каша, односно мешавина. Оригиналните мусли на д-р Бенер, се приготвувале така што се оставале да отстојат цела вечер во вода и сок од лимон, а потоа се јаделе со јогурт или млеко и цело изрендано јаболко.

Првично, овој оброк бил избор за ужина на алпските скијачи.

Во западните земји, како производ, муслите станале популарни во 60 тите години на 20 век, заради зголемениот интерес за здрава храна и вегетаријански начин на исхрана. Денес, можат да се најдат мусли со различни додатоци и вкусови. Тие можат да бидат збогатени со мед, зачини, чоколадо, повеќе овошје, разни семиња и слично. Со тоа што го регулираат дигестивниот систем, ве држат сити, а со тоа помагаат и за одржување на телесната тежина. Муслите се богат извор на влакна, витамини, протеини и антиоксиданси. Медицинските извештаи го истакнуваат значењето на влакната во исхраната, особено оние коишто потекнуваат од житата. Обезбедувањето на доволно диетални влакна во исхраната, значи добра работа на цревата, така што, без оглед дали консумирате мусли за појадок или вечерна ужина, нема да погрешите. Јаткастите плодови кои што најчесто ги содржат, се извор на протеини и омега-3 масни киселини. Исто така, кога ги приготвувате со млеко, стануваат извор на протеини. Одличен додаток за супер хранлив оброк се гоџи бобинките, кои ќе ја збогатат хранливата вредност на муслите.

musli-ili-granola-shto-e-podobar-izbor_image1

Гранола

„Токму во обработката на гранолата се состои суштинската разлика помеѓу овие два производи“

Гранолата потекнува од Америка, и како производ е развиена во исто време (доцен 19 век, а муслите почеток на 20 век) со муслите. Може да биде направена од овес, јачмен или ‘рж. Својата популарност исто така ја стекнува во 60 тите години на 20 век, за време на хипи движењето, кога започнал трендот на вегетаријанството. Како негови создавачи се познати неколку различни луѓе, па затоа се воделе доста правни битки околу оригиналноста и кому му припаѓа првичната идеја за гранола. На почеток се викала гранула, но подоцна името било сменето во гранола заради авторски права. Гранолата во својата основа го има истиот состав како и муслите, со таа разлика што мешавината од зрна, овошје и семиња, се пече во масло од канола, путер или друга маст, а потоа се засладува и се третира сè додека не се создадат крцкави грутки.

Сумирано, разликата е во сврзните елементи, во обликот, како и во крајната подготовка, односно муслите се сирови, а гранола плочките печени. Токму во обработката на гранолата се состои суштинската разлика помеѓу овие два производи. Односно, во гранолата најчесто се крие многу шеќер, кој наспроти вашата намера да се храните здраво и да изгубите некој вишок килограм, ќе резултира со зголемување на телесната тежина. Енергетските плочки во својот состав неретко вклучуваат и гликозен сируп, односно со други зборови, обичен шеќер.

Посетено 548 пати

Pharmanews.mk

Pharmanews.mk

Pharmanews.mk е портал кој обработува поширока тематика во доменот на медицина, фармација, исхрана и сл. и е наменет за широка публика која се интересира за своето здравје и исхрана со посебен фокус на медицинските работници.