Мајка Богородица
Мајчинството е најубавото и најпосебното чувство кое една жена може да го доживее. Неприкосновено и неоспорно. И толку за тоа.
[fblike]
Инспирирана од неколку жени кои лично ги познавам, никако да сфатам, никако во глава да ми влезе, зошто самите придонесуваме кон тоа во ова општество мајчинството да се смета за единствена и врвна улога на жената, на која сите останати треба да ѝ се подредени? Зошто се однесуваме како со мајчинството да сме го достигнале врвот, како да сме се качиле на врв на планина, па сега оттаму натаму сè може и треба да оди само надолу? Ги гледам тие жени и жал ми е. Свесно од себе направиле жртва. Притоа не се работи за оние жртвувања против своја воља, туку за жртвувања на кои се горди. Па ги слушам и мака ми е: Престанав да студирам, дете родив! Се откажав од работа, дете родив! Не барам веќе работа, наместо во градинка, јас ќе го чувам, дете родив! Веќе ништо за себе не си купувам, не ми е мерак, дете родив! Не седнувам на кафе, не излегувам, не одам во театар, немам време, дете родив! Не сум средена, дотерана, нашминкана, не сум веќе битна, дете родив! И те како си битна, и за детето кое си го родила, и за себе и за сите околу тебе, штета што тоа не го гледаш. Всушност, во твоите очи постоиш само ти извајана во ликот на Мајка Богородица и не гледаш ништо друго пред себе. А тоа е страшна глетка, израз на себичност и заслепеност со улогата на мајка до таа мера да запоставиш се околу себе и себе, само затоа што си родила дете.
Кога ќе порасне, лично твоето дете ќе те праша: „Мамо, што си постигнала ти во животот?“ Што ќе му одговориш? „Пааа… те чував тебе?“ Само толку умееш, само за толку си способна? Да изгледаш едно дете? И да очекуваш дека си направила кој знае што, нешто што не може никој друг освен тебе? Немој. Не си го разочарувај детето. Тоа самото ќе очекува многу повеќе од тебе. И што е најважно, не ме гледај мене како да си го сакам своето дете помалку од тебе, само затоа што јас, за разлика од тебе, сум избрала да живеам. Откако ќе родиш дете твојот живот не престанува, за да почне неговиот. Твојот живот продолжува! Се друго не е оправдана жртва, не е љубов, ропство е!
Посетено 618 пати