10 денари разлика

Среќавам во супер-маркет другарка од средно. Мозок од девојче, превенец на генерација беше. Нејзината корпа скоро празна. Во близина живее, вели се брзам, не пазарам овде. И пазариме као нешто заедно додека си зборуваме за средношколските денови и си се информираме меѓусебно кој каде завршил, кој каде се вработил и кој каде живее. А јас, каква што ме дал господ, без многу да разгледувам и да му ја мислам, почнав да си ја полнам корпата со работи што не ми ни требаат и за кои не сум ни дошла и ја слушам…

Дипломирала и магистрирала со просек десет, а седи дома без работа. Повремено работи како лектор ако и се укаже прилика, татко ѝ починал пред некоја година, мајка ѝ се разболела во меѓувреме, па сега и неа ја издржува. Почна да ме стега нешто во грлото, тешко ми падна. Не наоѓав збор за утеха. Додека зборуваше, земаше производи во рака, ги разгледуваше, па ги оставаше. Почнав рацете да си ги прибирам, да не посегнувам по полиците по се и сешто, како да ми беше срам што имам повеќе од некој кој можеби и повеќе од мене заслужил да има. А таа немаше. Не ми требаше да ѝ ѕирнам во новчаникот за да видам дека немаше. Косата, лицето, облеката, обувките, ми испраќаа таква порака. Се на неа. Во еден момент кога тивко ми рече, за да не не чуе вработената која редеше нешто на полиците до нас: „Не земај од овие колачи, во оној маркет се 10 денари поевтини“ срцето ми се стегна. Совет ми даваше, да ми учини, да не се трошам, веројатно мислејќи дека тие 10 денари ми значат колку и на неа. Се збунив, се сепнав. Да и кажам „Ајде де, што има врска, што се 10 денари!?“ ми се виде несоодветно во моментот, па се свртев кон неа и тивко како и таа на мене ѝ реков „Стварно? Не знаев. Фала. Од таму ќе си ги купам, чим така.“ И ги вратив. Ги оставив. Колачите кои воопшто не ми беа ниту во план, ниту на список, кои ете така ми фатија око и кои најверојатно ќе си ги купев да не ја сретнев неа. Ѝ се насмевнав и таа на мене. Како да ѝ беше мило што ми учинила… а мене непријатно за глумата која во тој момент се си мислев дека таа можеби ја забележа.

Навидум сосем обична случка. Ама од оние кои те ставаат на мисла. Случката ме потсети дека живеам во држава во која е нормално најдобрите ученици и студенти да седат дома без работа, а многу често најлошите, кои едвам добивале двојки или шески, да им шефуваат на такви како неа. Или уште пострашно, да си седат дома, ама за разлика од неа, да си примаат плата на трансакциска сметка на крајот од секој месец. Со помош на обични колачи и разлика во цената од само 10 денари, неправдата ми се исправи пред очи во сета своја големина и со сета своја суровост. Меѓу мене и неа отвори јаз, дупка, толку многу голема, што ми идеше во неа да пропаднам, за да ја снема, за да ја затворам…

Посетено 27.296 пати