Љубичици
[fblike]
Во кујната од малата и скромна куќичка таа седеше на дрвеното столче од трпезариската маса свртена кон прозорецот. Во рацете ја стискаше кујнската крпа. Погледот и беше вперен во виолетовите љубичици посадени во неколку мали саксии кои ја красеа рамката од прозорецот. Не се помрднуваше. Беше заледена во просторот и времето. Нејзината појава беше како замрзната слика.
– „Мамо, отидов јас!“ – ја разби тишината гласот на нејзината ќеркичка која се спремаше да замине на училиште.
Таа одеднаш се сепна. Со раката си помина преку очите набрзинка и со наведната глава проговори:
– „Почекај мама, ужинката…“, го зема кесичето што го беше спремила претходно од плотната и тргна накај неа гледајќи во подот. Ѝ го отвори ранчето и брзоплето ја стави ужинката внатре.
Малечката ја гледаше. Ѝ го следеше секое движење и како да се обидуваше да ѝ го улови погледот. Беше доволно малечка да не разбере зошто, но доволно голема за да забележи се.
– „Пак ли мамо? Застани, да видам, што ти е ова на лицето?“
– „Ништо мила, ќе помине. Ајде побрзај, ќе закасниш на училиште, ајде, ајде…“ – ја отвори вратата, ја бакна малечката во главата и ја пушти во дворот.
Малечката си замина. Го одеше чекорот на мајка ѝ. Истиот оној, срамежлив, бавен, чекор кој се прави со наведната глава. Немаше радост, немаше потскок, немаше џагор…
Таа ја затвори вратата и испушти тешка воздишка. Застана пред огледалото во ходникот и почна да си го допира лицето обоено во бојата на љубичиците. Модро виолетова. Посегна по пудрата и нервозно почна да си го премачкува лицето, во еден слој, па уште еден, и уште еден… Модро виолетовите белези на лицето не се покриваа… како инат да ѝ водеа секој пат кога се обидуваше да ги покрива. Си го притисна лицето со рацете, падна во ходникот на колена и залелека. Мораше тогаш, кога беше сама, немаше друг пат кога, ниту смееше. Солзите се тркалаа по нејзиното лице и го откриваа сето она што и претходно го беше скрила. Темни подочници и модринки потемни дури и од љубичиците на прозорецот… По кој знае кој пат, се срамеше од себе, од сопственото дете, ја печеше раната која и ја беше затрула душата одвнатре, се гадеше од помислата на човекот кој со години и ги валкаше образите однадвор. И тогаш стана. Се исправи. Изгледаше како авет, со бразди низ лицето од размачкана шминка, разбушавена коса, а сепак некако убава, горда, недопирлива… За помалку од половина час стоеше во дворот со мало куферче во рака. Со замрзнат поглед кон трошната куќичка, се чинеше како да се збогува од неа. Не и требаше многу. По само една минута погледна во празната улица пред неа. За прв пат и се стори пространа, широка, недогледна… Ја мамеше да зачекори по неа. Тоа и го направи. Му ги остави љубичиците на рамката од прозорецот, ручекот кој никогаш не можеше да му го погоди на шпоретот, спомените на ноќите полни со болка и лелеци по ќошињата од ѕидовите… си го зема девојчето од училиште и си замина. Засекогаш. Таа од него.
Тој ѝ се враќаше. Ја бараше. Ја молеше. Се извинуваше. Ја преколнуваше. Ѝ ветуваше. А кога во сето тоа не успеа, уште еднаш ја обои во модро виолетова… и уште еднаш или можеби уште два пати. Но образот никогаш повеќе не успеа да и го извалка. А потоа и тој си замина од неа. Засекогаш.
Што стана со љубичиците на рамката од прозорецот? Овенаа. Умреа. Заедно со животот кој умре во куќата во која беа засадени… Го означија почетокот на раѓање на еден нов живот, некаде, на некое друго, мирно, топло и удобно место… каде што се слуша детски џагор, каде што мајката чекори со крената глава и гордо ја гледа ќерка си во очи, а таа неа во неизвалканите образи…
Посетено 2.085 пати