Поклон за Мама

И се лутев на мајка ми порано, кога ќе и купев нешто од мерак, кога очекував да блесне од радост и да ми каже „Е баш ова ми требаше!“, а таа ќе ме погледнеше и само ќе речеше „Ама зошто пак си се трошела?! Мене ништо не ми треба!“ И се лутев и кога ќе дојдеше кај мене на гости несредена, а јас и велев „Мамо ма, погледни се на што личиш! Цел живот ме учеше дека жената треба секогаш да е нашминкана и дотерана, па макар и до продавница отишла, а погледни се ти сега?“, а таа со некој чуден сјај во очите кој тогаш не го разбирав, ми велеше „Остави ме мене, јас сум веќе стара, не ми треба тоа, дојдов само да те видам.“ Па дури и тогаш, кога ќе запнев „Дај да те средам, инаку ќе ти се налутам!“, таа без поговор седнуваше и мирно ме поднесуваше додека ја фенирав и шминкав. „Добро е, мама сеуште сака да биде убава“, си мислев.

Денес пак, ја однесов мама на прошетка, си реков, ем ќе ја видам, ем нешто ќе и купам, да се израдува. А таа повторно на секој чекор истото ми го повторуваше „Ништо не сакам, ништо не ми треба!“ И тогаш животот, во текот на некоја таква обична прошетка, ќе те донесе до момент, само еден, со помош на кој ќе сфатиш се и ќе ти стане јасно се што дотогаш не ти било јасно во врска со мама. Оној краток момент, кога додека мајка ти во продавница пробува нова кошула, а ти воодушевено ѝ велиш „Вау мамо, погледни се колку си убава“, ќе забележиш дека таа не гледа ниту во огледалото, ниту во кошулата, ниту во себе, туку очите со истиот оној чуден сјај и се укочиле накај тебе и гледа само во тебе. Ќе го уловиш тој поглед, само за момент, и тогаш вистината ти удира шамар, те освестува. Си мислиш колку си била глупава да веруваш дека се што си и купила на мајка ти дотогаш не и се допаѓало зошто била пребирлива, и сфаќаш дека на таа жена навистина, освен тебе, никогаш ништо друго не и требало. Сфаќаш и колку си била наивна да веруваш дека таа мила женичка ти дозволувала да ја фенираш и шминкаш за да биде убава, а таа тоа го правела само за да не и се налутиш. И ти оди јазикот да си го прегризаш, времето да го вратиш назад, сите неубави зборови што несмасно ти излетале од устата да ги избришеш. Па се повлекуваш, сега веќе убедена дека на неа навистина ќе и биде жал што си се истрошила за да и купиш кошула на неа, наместо да си купиш нешто за себе, и велиш „Не мора да ја купиме кошулата, ако не сакаш мамо.“

На крајот, кога ќе излезеш од продавницата, а таа ќе те замоли да седнете на првата клупа за да одмори малку, се докусуруваш, зошто ти е и повеќе од јасно дека таа не дошла со тебе зошто и се шетало по продавници и ѝ се купувале кошули, туку за да биде со тебе, за да ти угоди тебе. И тогаш гледаш колку е неизмерно убава мајка ти во износената кошула, без грам шминка, чувствуваш колку многу ја сакаш таа стара жена, секоја брчка на нејзиното лице, секоја капка пот на росното чело. Но не и го кажуваш тоа, зошто грутка ти стои во грлото, и зошто знаеш дека и без тоа, таа тоа го знае, таа тоа го чувствува. Само вадиш марамче и ѝ го бришеш челото, мислејќи си во себе, „Еве, вака ти кажувам дека те сакам мамо.“ Солзи ти навираат во очите од тага, ти се плаче по нејзината младост, поради нејзината старост, ама ги криеш, зошто си знаеш, дека ако дознае дека заради неа плачеш, таа ќе пролее милион солзи, за твоите две. Па стануваш, ја фаќаш под рака и ѝ велиш, „Ајде, ќе те испратам до дома мамо.“ И тогаш сфаќаш дека и ти истиот пат го одиш, дека и ти еден ден само едно нешто ќе сакаш, само еден поклон ќе те радува, ќе ти треба и ќе ти биде доволен да бидеш најубавата жена на светот – да имаш чедо кое ќе те фати под рака, ќе те испрати до дома и ќе те гледа со истите очи полни со љубов, со кои ти денес ја гледаше мама…

Посетено 8.096 пати