За покојникот се’ најдобро
Ете…и таа работа се заврши,
но, да почнам отпочеток…
Долго го спремав закопот,
не знам што си мислев,
не било лесно,
не се закопувало човек туку-така.
Прво беше барање поволно гробно место,
(небаре покојникот знае каде лежи)
потем копање дупка, доволно долга и широка,
а за да биде работата беспрекорно завршена,
ги засукав ракавите,
па копав секој слободен миг,
меѓу две напуштања
и плукнати навреди.
Рацете ми огрубеа,
земја во порите ми се изнапика,
колку и да триев и со жешка вода миев,
со црно под ноктите легнував.
Нејсе, потоа тешко ми беше ковчег да ти најдам,
некако сите големи ми се гледаа,
но откако почнав да го полнам со сите лаги,
скршени ветувања,
валкани спомени,
кошмари и стравови,
се уплашив да не треба уште еден да купувам,
а тоа веќе ќе беше голем проблем и уште едно копање,
та решив да натиснам се’ внатре,
седнав врз него со сета тежина и едвај го затворив.
И ете го денот…
времето се погоди,
немаше дожд, ниту сонце,
сосем примерно како за закоп.
Јас прописно облечена во црно,
за таа пригода и шапка си купив,
ново шамивче кое многу убаво прилегаше на мојата,
специјално за таа пригода, маникирана рака.
Стокмена, одмерена,
како што доликува на една сериозна жена,
плачев ниту малку ниту многу,
токму онолку колку што е потребно,
без да ми се размачка шминката,
но и без да ме нарече никој безмилосна.
Не бевме многу луѓе,
само неколкумина, демек најблиските,
а потоа секој по својот пат си отиде.
Мене мојот ме однесе во најблиската кафеана,
порачав виски во твоја чест,
запалив и цигара, за комплетно уживање
и помислив дека ако некогаш решам професија да сменам
ќе станам организатор на погреби.
Пред да заминам,
оставајќи убав бакшиш на келнерот,
некој ме праша за тебе…
и само што отворив уста да кажам,
ми текна,
па само се насмевнав и скромно,
како што доликува на една ужалена дама, одговорив…
За покојникот се’ најдобро.
Посетено 2.832 пати