Како се живее без да ризикуваш

polzav-pocetna_majkatiitatkoti
Како се живее без ризик?!
Стуткан во куќата од полжав
Со страв да ја извадиш главата надвор
Да вдишеш длабоко и слободно
Да застанеш со сета моќ што ја имаш
И да излезеш на виделина
На сонце и ветар
И дождот да го впиеш
Како
Како се живее без да ризикуваш
Без да се јадосуваш што ќе ти донесе денот
Па нека е и нешто лошо, мајку му!
Барем ќе знаеш дека ти се случило нешто
Дека не си мртов
Дека крвта ти врие
И дека можеш многу повеќе и поубаво
Како се живее умрен?
Да си ги затапиш сите сетила
И храната вкус да ти нема
А виното ко вода да го локаш
И да се лажеш дека добро ти е!
Како?
И зошто побогу јас така не научив?
Колку паметам не бегав од часови
Каде
Каде и како се учи да пловиш со водата
И ниту еднаш да не ти текне
Дека можеш и низводно да запливаш
Ете така
Токму така
Да одлучиш дека ќе пловиш онаму каде што ти сакаш
Со ширум отворени едра
Како се живее без ризик од бол и загуба
И како умов да си го сменам за да можам така
За да пуштам некој друг да мисли место мене
И да ми го покаже патот по кој треба да одам
Без да се прпелкам
Растргната меѓу она што сакам да го живеам
И она што твојот страв ми го одзема
Ете само толку сакам да знам
Како сега, на овие години да научам
Умна и мудра да бидам
И рацете горе да ги кренам
Со бело знаме во нив
И да речам “во ред, победивте”
Кога се’ во мене вреска
И кога ми се блуе од млакост
Кога не знам да бидам смирена
Кога радоста од очи ми блика
А тагата од прстиве излегува
Како да научам да сум она што не сум
Да се слеам во онаа река во која сите пловат
И да се помирам дека ете, таков е животот
Кога знам
Внатре, во утробава знам дека така не е
И дека ќе гризам и урлам
Колку што глас ме носи
И дека нема умрена да живеам
Барем не сега и не одма
Барем не дур не ми дојде времето за да заминам
Да знам оти ете веќе избор немам
Како
Како се живее без да се ризикува
И без животот да го гушнеш ко дете да ти е
И љубов со судбината да водиш ко со саканиот
Не
Не кажувај ми ништо
И молчи, како што секогаш одмолчуваш
Скриј се во твојата лушпа од лажен мир
И преправај се дека си добро
Дека е токму онака како што треба да е
Празно
Тажно
Без мене
Без себе
Без нас
(Посетено 458 пати, 1 денес)

Поврзани Статии

Оставете одговор

*