Знам колку боли кога имаш солзи за ронење, а немаш кому да се исплачеш! Затоа главата горе и сам искачи се кон врвот!

Сите сме доживеале своевиден крах, сите сме биле некогаш или сме на дното, го допираме и сфаќаме дека подолу од него не може. Дека е време да се стане и да се почне одново. Да си ја истресеш правта од себе, да собереш сила и да се кренеш на нозе. Падот секогаш е различен, нели… некогаш е толку болен, што раните се уште поголеми и подлабоки. А, тоа е уште само еден поголем предизвик.

И сам, без ничија помош започнуваш. Затоа што знаеш дека самиот и најдобро ќе си помогнеш, и на себе најдобро може да се потрпреш. И почнуваш да се искачуваш по влажната земја. Нозете ти се лизгаат и те влечат надоле. Но, не попушташ. Ти си силен, ти си јак. Ти можеш.

Правиш смели неколку чекори и повторно паѓаш. Овој пат помалку боли. Но, ти дава некој адреналин за повеќе, за уште повеќе од претходно. И не се откажуваш, а што да правиш, кога само тоа ти останува? Сам во темнната дупка? И да имаш солзи, немаш со кого да ги споделиш. Немаш кому да му се јавиш, немаш кому да му се пожалиш. Сам, оставен на себе.

И се качуваш и се лизгаш и паѓаш и повторно се обидуваш… се’ додека не почнеш вистински да веруваш во себе и моќта што ја поседуваш. Се’ додека се двоумиш, ти ќе се лизгаш. Се’ додека не заземеш цврст став и не земеш залет да се искачиш, твоите стопала неумешно ќе се лизгаат.

Сосема на крајот, во ред е да побараш помош, да повикаш. Бидејќи знаеш дека сигурно ќе те слушнат. Но, пази… нож со две острици.

Или ќе се искачиш и ќе продолжиш гордо од неа и тие ќе ти помогнат да ги излечеш своите рани, или ќе те турнат повторно назад од каде што уште повеќе ќе те боли и ќе изгубиш целосна доверба во човештвото.

Затоа што еден човек е доволен да ти ја врати довербата во човештвото или да ја изгубиш во него засекогаш!

п.с. Јас имав луда среќа да имам помошни скалила до мојот излез кон светлината. Се соочив и јас со некои подлизгувања и се’ уште лечам рани и гребаници, но за тоа имам сопатник. И денес се обидуваат да ме турнат, да ме натераат да не верувам во човештвото… Но, јас… верувам. Силно верувам. Затоа што еден човек со само еден вистински потег ми ја врати. И оттогаш бегам од лошковците како ѓавол од темјан. Да не беше мојот Емил, верувам дека целосно ќе изгубев. Ете толку малку фалеше. Луѓето знаат да бидат гној, да ти напакостат за да се задоволат, да те уништат, да си поиграат, да те искористат. Луѓето се помија, збиротинки.

Но, луѓето се и помош, скала, подадена рака. Луѓето болат, луѓето лечат. Луѓето те тераат да страдаш, луѓето те тераат да заборавиш на страдање. Луѓето те тераат на солзи, луѓето ги бришат твоите солзи. Луѓето забиваат ноќ в грб, луѓето го вадат истиот. Луѓето нудат лажни топли прегратки и широка насмевка, луѓето даваат вистински прегратки и насмевки.

Луѓето се очај, луѓето се надеж. Луѓето се бездна, луѓето се широка лединка. Луѓето се алчни, луѓето ќе поделат  со тебе се’ што имаат. Луѓето се апокалипса, луѓето се вистински рај. Луѓето се пекол, луѓето се чистина. Луѓето се грев, луѓето се чиста добрина.

Ама само ТИ! Ти одлучуваш кого ќе имаш во животот!

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 1.507 пати