Се ретчиме – Јовица Ивановски

se retcime-pocetna_majkatiitatkoti

Се ретчиме,
како коса откосена,
ко пари испарливи,
како клетки мозочни.
Недофатливо е времево,
божем кротко а немилосрдно.
Му минуваме низ прсти
ко од дланка полна со мрак.
Се ретчиме,
генерации убави луѓе
чија иднина е минатото.
Сè помалку познаници на улици,
небаре друг град ни се
спрострел под чевлите.
Се ретчиме,
како добрина и чесност,
како добро воспитување,
како восхит и почит.
Надвор од толпата токмаци,
од маглата криминогена,
од морето лажен морал.
Се ретчиме,
како средна класа,
како добри мелодии,
ко генијалци во диктатура,
ко стрипови и суперхерои.
(Во растечката расипаност
отскокнуваме со човечност.)
Се ретчиме,
како заби на сиромави,
како новороденчиња,
како благосостојба.
Се ретчиме
сè додека не нè снема.

Јовица Ивановски

Посетено 3.117 пати