Постои нешто кое секогаш ќе биде твојата слаба страна, а тоа е семјеството!

Како што животот поминува, стануваш се’ појак и појак, нормално… како што е и ред. Со секој удар, стануваш се’ посилен и се’ потешко се кршиш. Стануваш херој во својата сопствена приказна и повеќе не очекуваш да дојде некој спасител да ти помогне и поткрене на нозе. Стануваш имун на секој нов пад, стануваш имун на секое ново разочарување, стануваш нечиј идол и нечиј пример.

А, колку повеќе лекции, толку повеќе искуства, толку повеќе нови решенија… Учиш дека на ист камен не треба да се сопнуваш, учиш како вистинските пријатели да ги препознаваш, сфаќаш дека не е се во парите и сфаќаш дека среќата е во малите нешта.

Созреваш со секој нов предизвик, растеш со секое ново искушение, победуваш со секое отфрлање на лошите манири и пороци.

Но, сепак постои нешто кое секогаш ќе биде твоја слаба страна, без разлика колку си челичен, јак.

Тоа е семејството!

Солзите на твојата мајка секогаш ќе те болат и ќе те убиваат болно, полека како тивки прекриени убијци… Немоќта на твојот татко ќе те урива со ситни удари, а сепак толку болни… Секоја болка која ја чувствува твојот ближен ќе ти го раскрварува срцето… и ќе те тинка в мозок како загноен заб, ќе те стега душата и по малку од време на време ќе попушта… Секоја неправда нанесена на твојот најмил, ќе те заболува до срж, по нервен пат.

И, еден ден застануваш и сфаќаш дека тие се ангелите дадени од Бога, дека тие се единствените кои ти мислат добро и со кои треба секогаш да имаш слога, дека без нив ти не би бил ти. Дека ти се потпората на твоите досегашни изградени столбови.

И колку да е тешко, и колку да е мачно, и колку да е болно, и колку да е ужасно, и колку да се чувствуваш немоќно, знаеш дека имаш на кого да се искажеш и потрпеш.

Запамти: Освен нив, никој не ти мисли добро.

Им благодарам на моите најблиски, оние од моето потесно и пошироко семејство.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 1.341 пати