Моменти ли си моменти, детски маки големи…

Има моменти кога посакувам никогаш да не пораснев, кога посакувам повторно да сум дете. Во тие моменти на осаменост и тага, срушена од суровата реалност…

Се сеќавам на сите тие детски насмевки кои тогаш беа дел од секојдневието, неизбежен дел од играњто со часови не размислувајќи за времето кое поминува, не размислувајќи за луѓето кои лутаа околу мене.

Посакувам да се родам повторно, посакувам и мирот тогашен да го поседувам, посакувам детската храброст да е во мене постојано, посакувам да не се плашам ако згрешам.

Посакувам да можам лесно како тогаш да простам, посакувам да не поседувам инает во себе и без ни малку двоумење да се извинам и тоа што го сакам да го побарам.

Посакувам да ја имам истата таа упорност како кога барав чоколадо упорно влечејќи ја мајка ми пред излозите на маркетите. Посакувам секоја желба да ми се исполнува како со магично стапче, посакувам солзата радосница да ми биде.

Посакувам ете искрено и од срце со сите подеднакво да бидам, да немам предрасуди. Посакувам единствена болка ми се повредените колена, посакувам најголема неисполнета желба да ми е огромниот сладолед во зима.

Посакувам повторно да сакам светот да го прошетам со мислите, посакувам да не се грижам за материјалната и финансиска способност. Посакувам да се радувам на парите од Монопол, посакувам да се лутам како кога играв НЕ ЛУТИ СЕ ЧОВЕЧЕ, посакувам да пејам на глас без трошка срам со далинското или дезорансот во рака.

Посакувам, но ништо веќе нема да биде како порано. Едноставно пораснавме, поинаку ги гледаме работите, сега најдобро ги сфаќаме работите. Се што можам да сторам е да продолжам да сонувам затоа што никој не е престар за да престане да сонува, да го чувам детето во себе и кој знае…

Можеби навистина после многу години, за мене ќе речат: Тоа девојче е детето кое никогаш со фантазиите нема да порасне.

Посетено 70 пати