Колку општеството има разбирање за „анксиозните паничари“? Од шефови до лекари, скоро па ич!
Деновиве добивам неколку пораки поврзани со анксиозноста, некој прашува за токсичниот шеф на работа, друг за третманот добиен од лекарката, трет прашува што е со паниката во ова апокалиптично време…
Од каде ли да почнам? Ајде, ќе започнам од семејството, бидејќи оттаму почнува се’. Ќе ми простат исклучоците во било која од категориите. Има идеални родители, партнери, браќа и сестрии, пријатели, шефови и лекари. Јас барем имам среќа да познавам и имам такви… Но, го почувствував и горчливото, па знам како е да си во кожа на крајно несфатените.
Семејството треба да е број еден во борбата против анксиозноста, но повеќето членови само велат: Ништо не е, претеруваш. Мислиш мене лесно ми е? Што те гледам чуден/чудна…
Ничиј проблем не е за занемарување, па ни вашиот. А ако вашите тоа не можат да го забележат, тоа е нивен проблем, а не ваш… иако само вие го јадете кајмакот од тоа. Вие и само вие. Вие сте оние кои се затварате после секој обид за било какво отворање. Вие сте затишени пред воопшто да се обидете да проговорите. Семјеството мисли дека се занесувате и сте умислени, а вие тонете. Каде е првата линија на емпатија? Исчезната е.
Другар/ките од маало, тоа е онаа група која е со вас уште од најраните години и најверојатно кога сте најмногу во ризик да се стекнете со верната другарка анксиозноста. Тие се деца и ви се смеат доколку сте повлечени и срамежливи, ве задеваат. А, вашата анксиозност само расте и расте…
Соучениците, или соучесниците на анксизноста? – Ова е онаа група која врши најмногу врсничко насилство и најчесто е нејзин најголем предизвикувач. Оние од маало се „мала беба“ за овој тип на пријатели. Тие ќе ве задеваат постојано кога ќе забележете дека сте „послаб“ од нив.
Шефовите кои се пораснати соучесници на анксиозноста, голема е веројатноста некогаш да биле носители на онаа нетолку горда титула „були“ (врши булинг врз некого). Тој е оној шеф кој никогаш ама никогаш нема да ја разбере вашата анксиозност. Туку ќе направи таа експлодира. Бидејќи веќе после 20-25 години, после долго време складирање на анксиозноста, таа е веќе огромна… започнала како грутка и веќе расте во нешто огромно кое е како темпирана бомба. Остануваат две работи: или ќе експлидирате, ќе завршите на психијатар со терапии или ќе дадете отказ. Ви го препорачувам второто, особено ако сте млади и просперитетни. Животот е краток да го поминете во токсична средина. За работа има, само треба желба и волја. Џабе ви се сите пари ако накрај треба да ги потрошите на терапии. Џабе ви се сите пари ако си го губите полека полека здравјето.
Лекари, видовме и сами какви се лекари имаме во државата. Лекарите наместо да ве сфатат, тие се повторно оние: не ти е ништо, бе… ајде, види се… млад човек… За какви се не глупости доаѓате во 4 сабајле, што не си спиеш дома, ќе ти помине паниката. А, вие испаничени уште повеќе. Оосбено кога не знаете ни што ви се случува, ни каква состојба имате, ниту ништо. Откако дознав за мојата состојба, гордо изјавувам дека имам анксиозност и дека имам панични напади. Свесна сум за мојата состојба, не сум луда и не измислувам. Но, барам помош тогаш кога едноставно не можам да се изборам, а затоа ми се потребни тие и нивното разбирање. Цела среќа, па само на стоматологот му се жалам за моите маки… за другиве не стигнав.
Во ова лудо време невреме, имајте разбирање за „паничарите“, но знајте дека тие веќе го преживееале ова веќе безброј пати… Овој пат, паниката е во вас.
Се надевам дека со мојава подолга колумна, ставивме печат на РАЗБИРАЊЕТО кај повеќето категории со кои се среќаваме.
Денеска сум среќа, славам 4 и пол години врска, работам од дома кога ќе посакам и се чувам дома. Што од вирусот, што од луѓето…
©majkatiitatkoti.com Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира