Колку мала земја, а толку многу експерти

Трета недела во карантин започнуваме и навистина ми е преку глава од сите теории на заговор кои ги прочитав последниве две недели. Од непостоење на вирусот до поврзаност со 5г и тако даље и тако ближе.

Оваа колумна нема да биде посветена ниту за вирусот, ниту за 5г, ниту за поморот, ниту за карантинот. Оваа колумна ќе биде посветена на експертите кои знаат буквално се’ со прочитани 3 статии од рандом македонски и српско-хрватски портали со титловано видео од рандом научници наводно несфатени, а сепак сјајни.

Во ред е. Тоа е како за наши надри-лекари и квази-научници, за вас добро познати, во странство да важат за високо интелектуални личности. За жал, тој филм кај повеќето таму не се дава. Ем што немаат време да веруваат и да читаат секакви будалештини, ем што се зафатени слушајќи си ги своите вистински експерти.

Од корона-пандемија, пострашна е само глупоќата и паранојата која упорно се трудите да ја наметнете кај народот. Наместо да го искористите времето за кое сте принудени да сте дома, да се дружите со саканите, да играте друштвени игри, да научите да готвите, да експериментирате, да си ја средите гардеробата која подоцна можете да ја донирате… Вие решавате да одите од статија у статија, од слика до слика, од видео до видео со сомнителна содржина.

За се’ што ве мачи, прочитајте си кај релевантни извори, сите одговори се’ околу короната и 5г можете да ги најдете на официјалната страна на СЗО, за се’ што ве мачи читајте на пример на Гардијан и X други докажани светски медиуми.

Интернетот е светска ствар ако знаеш да ја искористиш, но може да стане и најлошата работа која можете на себе да си ја направите. Паметно изберете кому ќе верувате.

Да не ми беше работата поврзана со фејс, жими све ќе олабавев од него. Секој ден ми праќаат видеа, пораки и рандом совети на месинџер и вибер. Луѓе, сериозно не се мачете да ми праќате. Нит ги гледам, нит ги читам. Мозокот ми се помати за 300%, а верувам и на многу други.

Олабајте и остајте докторите да си ја вршат работата, чунки кога ќе заглавиме, на нивна милост и немилост ќе останеме.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 617 пати