Кој се плаши од Јосип Броз Тито?

tito_libe

Ама баш никогаш нема да можам да заборавам два момента од мојот  полавековен, привремен престој на планетата Земја.

ПРВИОТ, таму некаде на 1. септември, кога во моето школо “Јан Амос Коменски” во Тафталиџе 1, под водство на мојата пресакана, велепочитувана и никогаш заборавена учителка Љубица Михајлова, како мало дибече, со титовка и со црвена марама на вратот, ја стартував мојата едукациска кариера. Бев Титов пионер, а незнаејќи, се гордеев со тоа. И, кога дознав кој бил тој, толку сакан батка, се гордеев уште повеќе. А, се гордеам и ден-денес, дека сум знаел за кого да се гордеам.

ВТОРИОТ-десет години подоцна, кога, на сред легендарната “пред Ванила” дознав дека Тито починал. Уаууууу. Тотален мрак, општа депресија, метла накај дома, пробивајќи се низ толпата луѓе кои рикаа како мали деца. А, дома-бетер.
Дедо ми, Алојз Суша, потпуковник во пензија, човек кого го обожавав и на кого му должам многу, многу-со главата во рацете. Молчи и плаче.
Плачеше цела Југославија, како што плачев и јас по него, но и по неа, државата, која пропадна по пауза од дестина години по смртта на Тито.
На овие моменти се навратив минатата сабота, на 4. мај, денот кога умре Тито, кога никој жив не го спомна јавно. И, не можев, а да не се прашам, па какви сме тоа луѓе, ние Македонците?

Не говорам за сите, но најмногу за пријателчињата од двете власти по осамостојувањето на државава, кои како од шуга бегаат и да го изговорат неговото име. Па, добро бе, балавци и жвалавци едни никакви, не ли ви текнува и нели ви е јасно дека ако не беше лепотанот од Кумровец, неповторливиот шмекер од светски глас, кој ги вртеше околу малиот прст сите можни светски политичари и кој директно ја кроеше глобалната политика на Земјата, дека Македонија тешко ќе постоеше. Сигурно не ваква каква што е. А, ниту Србија, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска.

Или, можеби се срамите од минатото и од деновите кога сите живеевме како “бубрег у лој”. Се срамите ли да се потсетите дека сте пишувале раскази и писмени работи во негова чест, дека сте стоеле во шпалирите кога доаѓаше ОН, со својот единствен, бронзен тен, кога мавташе со белите ракавици, а вие се ежевте од горе до доле, врескајќи” Го видов жими се”, или “Мене ме погледна право во очи”…

Ви текнува ли дека тој излегуваше меѓу народот, дека се поздравуваше со луѓето, дека често бегаше од протоколот, дека неговиот уникатен Мерцедес не шибаше по улиците како луд, ниту беше полн со (денешниве) шишани типчиња со калашњикови во рацете и со дискмени на појасот и слушалици во валканите уши.

Ви текнува, ама ви е срам да се потсетите на тие времиња, кога имавме држава од 22 милиони жители, кога имавме море, имавме Триглав, Плитвице, Тара, Блед и Бохињ, Панонија, Дубровник…кога бевме спортска велесила, кога пасошот вредеше како икона, кога купуваваме на кредит, кога шовинистите и националистите беа удирани со заушки. И, дека се отиде у мајчину, баш кога замина Тито?

Нема шанси да се правдам и да докажувам било кому, дека Македонија си ја сакам како Тито, уште помалку, дека некогаш ќе ја преболам Југославија. Само сакав да потсетам на нашиот менталитет и на тоа, кој, и накај каде не води.
Веројатно, у мајчину!

Посетено 5.587 пати

Сашо Христовски

Сашо Христовски

Сашо Христовски