Карантинџии, добредојдевте во нашиот свет на анксиозните! Затворени сте, се гушите и мислите дека нема крај!

Добро утро,

Нека е за многу години денов, Велики Четврток, да сме живи и здрави још година 100. Да го пребродиме вирусот и да станеме уште посилни и похрабри. Да се избориме психолошки…

Вчера добив интересна препорака да напишам за нас анксиозните во карантин. И све е супер, само што јас толку уживам во него што не го сфаќам како казна, туку како благодат. Можеби понекогаш само долгите прошетки во парк ми недостигаат, но верувам дека и без нив ќе преживеам…

Карантинот најдобро ја опишува нашата состојба. Затворени сте, понекогаш и најчесто против својата волја, се гушите, ви оди на цел глас да вриснете од бес, но не оди. Верувате дека никој не ве разбира и мисли дека сте полуделе. Сакате да излезете, се борите, но проклетијата ве враќа назад кај што ви е местото.

Се трудите да скрпите сила. И како затвореник во ќелија да ги искористите своите 15-минути право на воздух. Неколку пати во денот. А, повторно како низ страв, како низ чуден трепет. Но, го вдишувате до крај. Комплетно се заборавате во него. Се губите во неговиот сјај. Треперите заедно со него. Шумолите со лисјата. Жуброите со замислената река. Пеете со птиците.

И потоа повторно се враќате во вашите ќелии. Срцето е густо, пусто и осамено. Бесот наталожен, ве стега со обрачите. Вие ќе полудите. Дури и на отворен простор се гушите!

За нас ова е мачкина кашлица. Во затворен простор со четири ѕида. Оди надвор диши како што треба. И тоа кога воздухот е од чист почист.

Нас анксиозните, ни треба прибежиште.

Најчесто тоа е нашиот дом се’ додека не стане вистински кошмар, секако. И тоа кога околу вас ќе се насоберат луѓе кои велат дека само си замислувате, дека не ви е ништо, дека за глупости се замарате, дека сте параноични, дека сте хипохондрици, дека сте болни, дека сте сосема здрави, дека ништо не ви фали, дека измислувате, дека се правите болни…

И во оваа ситуација. Сите се во ист кош. Сите се хипоходнирици, параноични, можеби болни, веруваат во разни теории на заговор, се прават експерти… А, ние анксиозните, потполно ги разбираме.

Бидејќи ние го живеевме тој живот и пред короната, ќе го живееме и после неа. Но, најжално е што повторно се’ ќе се врати во нормала, а ние ќе останеме онаму каде што и бевме. Затворени во срцевите ќелии. Ќе дишеме со вас, а ќе продолжиме да се гушиме. Ќе се испукаме, а ќе се вратиме со бес. Нема да полудиме, психолошки одлично ќе се поднесеме… затоа што за нас ова е уште едно обично секојдневие.

Мал совет до сите анксиозни: „Не ги читајте вестите, верувајте на проверени извори и не паничете. Доколку се чувате вие и вашите најблиски, немате од што да се плашите. Вие сте господари на својот мозок, доколку го убедите дека светот е заразен и опасноста демнее на секој чекор, ќе полудите… буквално ќе полудите. Потрудете се да господарите со него на вистинскиот начин во вистинското време. Сега навистина не е време за паника! Дишете длабоко, седете дома, читајте книги, гледајте филмови, уживајте со најблиските!“

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 1.925 пати