Кафиќи полни, журки на Водно и групни собранки во Парк… за нас само полициски час, овај стап, де!

Вчера беа растерани над 40 возила на Средно Водно од страна на полицијата во подоцните ноќни часови, откако преку ден кафиќите вриеа со народ, а парковите беа полни со родители и деца. Бабите и дедовците на прошетка испоседнати на клупи… ма идила, човече!

Пролет иде, нели… треба лудило да биде… ама не и во ова кризно време.

Ало луѓе, дали сте свесни дека цела Европа е во карантин? Косово после 2 пријавени случаи ги затвори кафиќите и ноќните барови, како и трговските центри, јавниот превоз, а за два дена од сега и авиолиниите?

За поздравување е секоја драстична радикална мерка, и не од некаков мизерен политички аспект бидејќи политиката во овие ситуации е најзанемарлива, туку од аспект на држава која го става здравјето на граѓаните пред се’.

Само што, за нас не се никакви радикални мерки и препораки потребни, ние сме имуни на се’. Ние корона не можеме да фатиме бидејќи веќе страдаме од морона вирус. Ние сме себични и се’ што знаеме е да се курчиме низ градот без маски и да кашламе колку што можеме посилно и подалеку без дланка, а камоли во лакт, ние сме сите млади и ако не’ фати брзо ќе не одмине. Ние пари немаме, а корона најмногу на пари се лепела… ние без кафе-шема не’ можеме, па и нека е смак света!

Ох, министре… за нас само полициски час, овај стап, де.

За нас само пендрек и стап, за нас само ќотек и оф-боли. Пие макијато со друштво, оп стап. Се шета по аптеки и продавници без маски, оп стап. Се лепи и ти дише во врат додека чекаш ред на каса – оп стап. Оди да се коцка и обложува со исто пенкало и на исти апарати клика – оп стап. Плука, кашла и кива без ништо да преземе – оп стап. Искача навечер журки да прави – оп стап. Детето го пушта со други деца по паркови – оп стап. Бабите и дедовците се сончаат по клупи и се мафтаат по пазари – оп стап… бидејќи тие се всушност, најранливата категорија.

На секое кршење препорака – оп стап. Дали е физичко лице или правно, не е битно. Приватњаци не ги пуштаат родителите до 10 годишна возраст дома – оп стап, друг не пушта со хронична болест – оп стап.

Бидејќи ќотекот од рајот излегол, а овој народ едино само на тоа е научен.

П.С. Ако не е ќотекот, удри го на друг начин, по џебот. Кафе пиење 300 евра, плукање по улица 500 евра, кашлање и кивање без маска – 600 евра… па да видиме дали пак ќе се курчат.

Засрамете се! Наместо да седите дома и да го искористите времето за себе и своето семејство, да покажете дека ви е стало до нив и да одите вие во продавница наместо родителите, да поиграте со нив некоја друштвена игра, да се позанимавате со учење некое ново хоби, да направите некој рецепт… вие се ставате во ризик и себеси и своите најблиски. Вие со вашата „совест“ ги загрозувате комшиите и пријателите. Вие ја ставате околината во ризик.

И додека споделувате мемиња со „ништо не ми може короната“, солите памет за „несовесните“ и држите предавања како „млади сте и еднаш се живее“, сетете се на своите најкревки.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 20.759 пати