Два месеци карантин, два месеци нови искуства помеѓу четири ѕида…

Два месеци карантин, и уште толку нови искуства во дупло повеќе ѕида! Звучи како невозможна мисија, нели?

Првиот месец научив повторно да живеам со мајка ми без да се расправам за секоја ситница. Научив дека животот е краток, а љубовта кон родителот е вечна. Првите денови пазарев самата еднаш неделно, натоварена до бесвест со ракавици и маска, а нејзе не ѝ дозволив ниту ѓубрето да го фрла. Улогите на мајка и ќерка ни се променија. Научив дека можам да одам кај либето и да го карам ако не се придржува до мерките. Научив да бидам „строга мајка“.

Научив да простувам, научив да подоучувам, научив да работам на себе. Научив дека ако се сака, се’ се може и за се’ се има време, ако правилно го распределиш.

Научив дека пријателите не се стекнуваат лесно, особено вистинските и дека некогаш не треба да им се верува на очите. Научив дека чудовиштата постојат во телата на луѓето, а ние упорно се трудиме да ставиме превез на лицата и се обидуваме да ги „засакаме“. Не. Не можеш да се обидеш да засакаш виртуелен човек, бидејќи тој сигурно не те сака тебе.

Научив дека имам шака пријатели, дури и помалку од што мислев. Те бараат кога им требаш, не креваат кога ти требаат. Магичен круг.

Научив дека еден вирус може да створи една огромна војна меѓу луѓето, да скара долгогодишни пријатели и роднини, исто како и политиката. Научив да не зборам за актуелности за да не ги „изгубам“ оние кои ги сакам.

Вториот месец научив да се чувам. И од вирусот и од луѓето. Социјалната дистанца во мојот свет подразбира и физичка и психичка дистанца. „Избришав“ многу „пријатели“ од фејсбук листата бидејќи сфатив дека од духовите постојат (лажни профили, неактивни и сл).

Научив дека почитта се заслужува, достоинството се цени, а довербата лесно се губи. Научив дека не е до мене кога упорно се трудам да се докажам некому. Научив и дека грст луѓе вистински се радуваат за мене. Научив дека 1000 пати ќе паднеш, а 1001 ќе станеш и ќе забележиш кој ти се смее во фаца.

Научив дека жртвата е херој, а не обратно, особено кога жртвата ќе реши повеќе да не биде жртва и да му се спротистави на светот. Научив и дека најголемите жртви ги носат најголемите победи токму оној ден кога престануваат да се декларираат како такви.

Научив дека секој ден е прилика за нешто ново и тоа во четири ѕида! НЕВЕРОЈАТНО!

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 786 пати