ЖИВЕЛИ!
Да наздравиме за…
сите кои низ животот ни’ минале
оние кои зад себе оставиле ѕвезден прав
оние чија трага е посолена
сите љубови кои не’исчеличиле
и оние кои не’ свестиле дека само крв и месо сме
Да наздравиме за…
сите денови во кои сме се изгубиле
ноќите во кои сме се пронашле
болестите кои не’ потсетиле дека здравјето е се’
силата која не сме знаеле дека ја имаме
за да се збогуваме и кога срцето боледува
Да наздравиме за…
секој збор кој сме го кажале кога било потребно
тишината со која душите сме си ги обвиткале
солзите кои сме ги исплакале
оние кои во нас мориња создале
во кои уште утробите ни пливаат
Да наздравиме за…
нашите испреплетени нозе
умовите кои телата ги крепат
соништата кои сила ни’ даваат за да се разбудиме
огништата пред кои коските си ги топлиме
и оној глас во нас кој вели “се’ ќе биде во ред”
Да наздравиме за…
оние кои повеќе меѓу нас не се
оние кои допрва ќе дојдат и останат
оние кои само во душите ќе ни ѕирнат
како во излог со скапоцен накит
и потем ќе избегаат исплашени од сјајот
Да наздравиме за…
тебе
мене
животот
секој подарен ден
за смртта да наздравиме
Живели!
Посетено 1.432 пати