Жената совозач

zenata sovozac_jovica ivanovski

Жената совозач
располага со половина од шофершајбната
и со огледалцето во спуштениот сонцобран.

Жената совозач
не престанува да зборува – но истото го
прави и дома – во улога на животен сопатник

Жената совозач
најчесто нема ни возачка дозвола – но тоа не
ù го ускратува правото да се однесува како инструктор

Жената совозач
(всушност) треба кон мажот возач да ја има
почитта што стјуадесата ја има кон главниот пилот

Жената совозач
не е лошо да има мини здолниште
и убави голи колена веднаш до рачната сопирачка

Жената совозач
може и да ти се најде – доколку ти се дупне гума
или ако ти рикне колата па нема кој да ја турка

Жената совозач
може да има совршен профил
со ѓубришта на нивите во рамката на прозорецот

Жената совозач
е најубава кога спие – а ти почнуваш да
уживаш во возењето и правиш сè што треба

само да не ја разбудиш.

Посетено 1.542 пати