ЗА ВРЕМЕТО
Ноќва меѓу 2 и 3 ќе се смени времето.
Нема да заврне снег, туку ќе се свртат
стрелките на часовниците.
Глуп сум и никогаш нема да сфатам
дали напред или назад, но што е важно.
Компјутерите, мобилните знаат и сами
си го менуваат.
Татко ми на времето имаше еден другар
часовничар, Среќко, немам сретнато
попозитивен човек.
Паметам дека беше мераклија на чашка,
гитара и песна.
Почина одамна, пред да почне да се
менува времето.
Но и да го стрефило, се сомневам
дека би ги вртел стрелките на
часовниците во дуќанот.
Би ги оставил по старо,
зашто времето минува, вака или онака.
А дали е еден час напред или назад
часовникот не знае –
важно е само да биде
точен во секунда.
Посетено 246 пати