Викенд „кралица“

Женски викендашки размисли, пропратени со по некоја сочна пцовка. Сабота рнташ, чистиш цел ден, раскренуваш испопаѓано во текот на неделата. Усисивачи, крпи, прашини. Недела, го средуваш раскренатото, ги двоиш алиштата што биле испопаѓани таму ваму по принципот „кај паднало – таму останало“, пушташ машини, па најверојатно пеглаш, за да има испеглано за од понеделник натаму. Сето тоа го правиш додека спремаш и ручек и доручек и вечера, малку пообемни и поубави, оти викенд нели, преку недела не си готвела доволно, сега треба да си „одработиш“ што си забушавала и купувала понекогаш готова храна, вадејќи се дека не ти се готви пошто на работа си била, многу си уморна, и глава и нозе те болат!

И кога на цела мака, мушкоданците у фамилија, маж ли е, татко ли е, син ли е, небитно, фалбаџиски ќе ти речат: ТИ го фрлив ѓубрето! ТИ испазарив! ТИ ја наместив закачалката! ТИ ги навадив цвеќињата! ТИ ја заштрафив вратата од шкафот! ти иде да ја земеш тоа дршката од правосмукалката, па удри мавај! Оти нели услуга ТИ направиле, пошто само ТИ ѓубре праиш, само ТИ јадеш, само ТИ у цвеќињата глеаш, само ТИ на закачалка закачуваш, само ТИ вратата од шкафот ја отвараш!

И така, додека пцуеш, шо гласно, шо во себе, и се расправаш, си викаш – Викенд биле денови за одмор? Жими мајка! Утре на работа ќе си се одморам!

P.S. Сите вие модерни жени на кои шо ви се посреќило, шо си имате по дома современи и вредни мажи од соништата, од македонско потекло, ама со американски ставови и навики, шо работат се наместо вас и поише од вас, и не ви викаат „ТИ го фрлив ѓубрето“, поштедете ме од фалбаџиски муабети „Мојот вака, мојот така, ја дома кралица“, оти ич не ме занимате, ок!?

Посетено 2.309 пати