Виде Жена Која Би Можел Да Ја Љуби

[fblike]vide zena_majkatiitatkoti

1234Се заљубуваше во нејзината среќа. Во начинот на кој го осветлуваше светот околу себе. Ширеше среќа, иако во себе ја немаше. Само еден поглед, и човек стануваше слаб на неа. Не можеше да не ја сака. Не беше ни прв, ни последен, кој не успеа да одолее на неа. На нејзината желба за живот, за љубов вистинска, за трошка среќа. Очите и сјаеа небаре најсветлата ѕвезда ја украла. Срцето и пекаше за љубов, иако вешто од неа бегаше, се криеше, срце заклучуваше, се противеше. Не дека не сакаше да не сака, но бараше љубов на која срцето не ќе може да одолее. Бараше љубов на која срцето ќе и потскокни. Бараше некој мислите што ќе и ги опседне. Кој со поглед ќе и ја избрише тагата скриена зад очното дно, зад зеницата, зад трепките.

      Виде жена која би можел да ја љуби. Виде жена покрај која среќен би можел да биде. Небаре сонот јаве му стана. Небаре спиеше цел живот, а животот пред него се живеел. Не беше свесен што се може да му направи играта со погледи, наивните допири, размената на насмевки. Не знаеше дека може да се зароби под нејзината магија за живот. Не знаеше дека може да потоне во нејзините очи и да не сака отаму да побегне. Не знаеше дека може вистински да сака. Знаеше дека е жена која би можела вистински да сака. Знаеше дека е нежна, кршлива. Знаеше дека е кротка, желна за љубов. Знаеше дека срцето и вришти во нечии прегратки да се свие, да се скроти, да се утеши. Знаеше дека и треба рамо, солзи да си исплачи, тага од срце да си симне, среќна да си биде. Знаеше, секој пат го гледаше тоа во нејзините очи.
      Но, се плашеше, се плашеше да ја љуби. Се плашеше, дали ќе може онака како што таа посакува да ја љуби. Се плашеше дали ќе можеше да ја љуби со сета силина и јачина на љубовта. Се плашеше да ја помилува, небаре в прегратки ќе му се скрши. Се плашеше, усни да и помази, се плашеше, малку поблиску да и се приближи. А ја посакуваше. Телото и срцето му вриштеа да ја љуби. Се плашеше дека нема да биде вешт.
      Но срцето умее да го надвладее разумот. Се повеќе се приближуваше. И нежен, и внимателен беше, и одоколу, и вака-така, пробуваше љубов да и пружи. Нестрплив беше да и покаже дека умее да ја љуби, дека умее вистинска љубов да и пружи. Се што требаше беше да ја прифати дланката и да дозволи љубов да и покаже. Се што требаше беше да ги исфрли сите таги од срцето и душата, и да проба малку од малку среќа да вкуси. Бар да проба, не мора да остани. Беше спремен да ја чека, макар и цела вечност да трае. Беше спремен на се, само да ја љуби и љубен од неа да биде. Не зборуваше за светски чуда, зборуваше за најситното чудо, но кое малкумина вистински го виделе и осетиле.
      Но таа му беше и најголемата мистерија на светот. Се обидуваше од очи да и чита, со очи на љубов да ја наговори, ама секоја пат на ѕид наидуваше. Штитот небаре несоборлив и беше. Тагата убаво ја запоседнала, што очите за среќа не ги подготвила. Не дека беше слепа, ама полесно и беше да глуми дека е. Не дека не знаеше колку е голем светот, но сакаше да живее зад него. Како да уживаше да се крие во својот свет и да сонува со отворени очи, додека живот пред неа се одигрува, додека тој желно ја гледа полн со желба да ја љуби. Беше имуна, одамна срцето и отрпна на погледи разни, одамна очите и мижат пред предлози тип-топ мазни. Не сакаше никој да ја љуби. Не можеше да си ја објасни магијата, но не сакаше уште некој на нељубов да го осуди. И ладна и груба беше, и само стоп велеше. Сакаше со сите силини да го отурни од себе, оти не сакаше, оти не беше спремна да љуби. Затоа повлечено, во аголот од животот полн со најубави цвеќиња, живееше и бледо животот го посматраше. Остра граница меѓу нив постави, велејќи му дека сака сама да остани.
Посетено 3.062 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!