Тетовирање

zeleznicka Bitola
Решив конечно фраер да станам
и прво што ми текна е да се тетовирам
Седам на столица и додека една досадна мува ми
лета околу глава
му викам на тату-мајсторот
„Види овака, на бутинава ќе ми истетовираш злобно смајли,
под него некоја песна од Мајаковски
по твој избор,
продолжуваш надоле со споменикот на Мечкин камен
околу кој има намотано глувонема змија со црвени трепавици,
под тоа Потемкиново село..“
„не постои такво село, метафора е тоа“ – ме прекинува
„аха, а Ермитаж може ?„
„тоа може“
„добро, а од него ќе искача пруга
која завршува со железничката во Битола“
„Добро ,за 5-6 саати сум готов“
Тетовира, тетовира и едно време прекинува
„Завршив со музејот ама нема више место
на ногата за пругата и железничката!“
„е ако де, продолжи да тетовираш по паркетов“
„по паркет?“
„да бе, од мојава пета излегува пругата и оди, оди,
оди така по паркетот и завршува во Битола“
„добро“ – и продолжи
„еве готово, го истетовирав и паркетот“ – задоволно вика
„еј супер, него заборавив да ти кажам и еден воз
на пругата да ставиш“
„ок“
Го истетовира и него и јас одма влегов во првиот вагон
а со мене влезе и мувата
„е па ај чао, отидов“ – му мавтам
„каде бе, а да платиш?“
„Хаха ама си глуп, да имав пари ќе си купев
карта за Битола, овака ми е беспари, башка тетовирањето “
Поаѓа возот и мувата седнува карши мене и ми вика:
„убаво што ти текна да идеш со воз за Битола,
еве и јас цел живот сакав да идам таму
ама се некако ме мрзеше да летам…. да „пукне“
за идејата, баш си фраер“ – ми пружа отворена дланка
„да „пукне“ муво“ – и замавнав со раката
ама изгледа пресилно, доволно пресилно
за никогаш да не ја види Битола, РИП муво
Посетено 463 пати