Татко е…

Извадок од Колекционер 5
(во подготовка)

Татко е оној што не живее за себе туку за тебе. Татко е оној што ти менува пелени додека цревата му се превртуваат од „тортата“ што си ја направила. Татко е оној што те придржува додека ги правиш првите чекорчиња, бришејќи си ги солзите скришно. Татко е оној што има едни широки и силни рамења и може да те носи на кркуш секогаш кога ќе ти се изморат детските ноџиња. Татко е оној што ќе ти даде да го нашминкаш и да му ги налакираш ноктите додека гледа фудбал. Татко е оној што ти чита приказни за принцези и принцови и змејови, вешто одглумувајќи ги сите дијалози, иако му се затвараат очите од умор. Татко е оној што ти одговара на безброј рафални прашања иако на пола од нив нема појма што да ти каже. Татко е оној џин што те пренесува во твоето креветче кога ќе му заспиеш на гради во дневна додека гледате цртан. Татко е оној што истрчува од дома бос, по маица и пиџами, со хебла во рака, кога ќе му се пожалиш дека некој те закачал. Татко е оној што го боли повеќе од тебе кога ќе си ги излупиш коленцата играјќи брканица.

Татко е оној што се обидува да се насмевне на дечкото кој дошол да те земе на првиот дејт, иако во глава смислува милион сценарија како да го дигне на клоци или да го скрати за глава. Татко е оној што му шепка на истиот тој дечко: „за една нејзина солза, ќе направам да исплачеш илјада, ме разбра?“. Татко е оној што нема око да склопи додека не си дојдеш од град. Татко е оној што ги засукува ракавите додека му раскажуваш како си се скарала со дечкото. Татко е оној што седи во првиот ред додека браниш дипломска, гордо мушкајќи ги другите присутни со лакти, фалејќи се: „моја е“. Татко е оној што со својот живот ти поставил мерила каков човек да одбереш за животен сопатник. Татко е оној што те предава на идниот зет додека во градите му беснеат урагани… додека солзите машки ги држи за гуша за да не се истурат и направат цунами. Татко е оној што ќе ги повтори истите овие работи и за твоите дечиња. Татко е оној што со поглед секогаш ќе ти кажува – „тука сум за тебе душичке… се додека сум жив“. Татко е оној што му ја држиш раката додека со последниот здив ти вели: „не плачи, ништо не ми е“.

Посетено 7.735 пати