Таа е мојот глас кога својот го губам
Таа е ѕвезда
треперлива и нежна
и ураган
полна секавици и ветар
небо
со јата од слободни птици
и дожд
со капки кои чистат од јадови
таа е љубов
незагадена од тага
и смеа
што гргори во срцето
сила
што слобода ми дава
и среќа
која солзи радосници ми мами
Таа е јас
четириесеттина сантиметри пониска
мојот глас
кога својот го губам
причина
заради која секое утро се будам
начин
на кој учам себе да се љубам
таа е лето
со сонца кои не заоѓаат
есен
во која дишам со полни гради
зима
со мирис на печени костени
и пролет
во која душава ми се буди
таа е моја сенка
а под својата нејзе ја чувам
мојот бол
од кој бегање нема
свет
во кој сум повторно малата Ана
дом
кој од себе ме лечи
……………………………………………….
само во очите на ќерка ми
јас сум се’ што посакувам да бидам.
Посетено 1.124 пати