Што значи да бидеш жена во Македонија…


– Да те учат од мали нозе дека работите во домаќинството се делат на машки (да смениш сијалица тук так и да му правиш друштво на мајсторот кого си го викнал кога се расипало нешто по дома) и женски (да переш, пеглаш, готвиш, бришеш прашина и се останато).

– Да не постои маж во градот кој не те опцул додека возиш, само затоа што си жена, а жена не е за волан.

– Да те има на високи општествени позиции, директорски и менаџерски места, на пратенички листи и во парламент, пет пати помалку од мажите.

– Да бидеш единствената личност дома која знае што каде се наоѓа.

– Да очекуваат од тебе ти да бидеш таа која ќе ги спрема децата за школо, ќе оди на родителски и ќе ги воспитува, само за да бидеш ти виновната ако детето случајно испадне невоспитано.

– Да работиш на исто работно место на кое работи и маж, а да земаш помала плата од него.

– Да ги прележуваш сите можни настинки и вируси на нозе затоа што по дома си и лекарка и медицинска сестра која сите други ги лекува, додека децата ти се чудат како тоа ти никогаш не се разболуваш и те гледаат како супер мамичка.

– Да те ставаат во уста секогаш кога треба да се промовира родова рамноправност, а секаде да си застапена со помалку од 50%, некаде дури и со помалку од 5%.

– Да бидеш горда и да се фалиш кај што ќе стигнеш ако случајно си исклучок, си успеала да се избориш за рамноправност на работното место или да се договориш во машките работи освен менување сијалици и мајсторување, да влезе и фрлање ѓубре, пазарување и една родителска годишно.

– И на сето тоа, пак да најдеш време и воља да бидеш секогаш стокмена, дотерана, нашминкана и убава… како што и доликува на права Македонка!

Посетено 33.301 пати