Статусни симболи
Продаваш недвижен имот или подигаш кредит, ти купуваш пури, а на жена ти најново моделче телефонче. Враќаш дел од долговите. За огромниот остаток ќе мислиш понатаму. Така отприлика изледа МК чаролијата на статусен симбол. Кога не си природно богат, да не речам роден богат, ни пурата не ти личи. Штрчи. Бркаш нешто, бркаш статус, ни сам не знаеш што бркаш. Сакаш да бидеш како “некои“. Е, не може. Немаш пари бре човече, заглавен си во кредити до гуша, должиш по луѓе, ги лажеш кога ќе ти се јават, не креваш телефон..Така не се брка статусен симбол. Себе си се лажеш. Се преправаш. Ама долговите се немилосрдни, ти ѕиркаат од скапите манжетни и сакото. И марамчето во џепчето ти е тажно. Очите те издаваат. Жена ти влегува во кафич со ќеса Massimo Duty, а дојдена е со кола. Сакаш да се дружиш со “богаташите’’ и скокаш како попарен кога ќе се појават. Им се лигавиш. Се понижуваш. Како можеш да си го правиш ова, будало низаедна!?
Човек не знае дали да те жали или да ти се потсмева. Сурово е некому да му се потсмеваш. Затоа само го жалиш.
Дана Прелиќ
Посетено 1.685 пати