Со љубовта твоја накити ја

ne ja kiti_majkatiitatkoti

Не ја кити
не и’ реди прстени
ниту пак со белегзии стокмувај ја
ѓерданите остави ги за друга
ниту обетки нејзе и’ прилегаат
не ја сквернави со накит
немој
не ја кити
не ставај и’ пранги на рацете
ниту со ланец железен околу вратот држи ја
ресичките од ушите остави и’ ги слободни
оти таа ветар е и молња
дожд и бура
и секој украс на неа вишок е
и’ тежи
ја гуши и мир не и’ дава
не ја кити
убава е сосем гола
со вратот како на лебед
и дијамантите што во очите ги носи
кои светат ко ќе те види
со сите брчки убава е
таква дива и слободна
како мисла
како страст
како копнеж
како воздухот што го дишеш
оној што на неа што ти мириса
не и’ ги стежнувај плеќите со непотребни дребулии
а ако веќе сакаш да ја украсиш
преплети ги прстите со нејзините
бакни ја во внатрешниот дел од зглобот на раката
остави и’ воздишка на вратот
и невидливи траги од заби на увото
покриј ја со себе
и заштити ја
чувај ја
скришно пази ја
и не заборавај да ја љубиш
а попатно во рацете тутни и’
ќесе со гумени бонбони
харибо нека се, тие ги сака
и не ја кити со ништо
освен со љубовта твоја
која топли
и живот и’ дава
ме слушаш?
не ја кити
не со она што ќе остане после неа
на коските оставено и закопано
накити ја со она што со себе ќе го понесе
кога мигот за збогум ќе дојде
со љубов
со љубовта твоја накити ја

Посетено 1.908 пати