Сите зборови сосе љубовта со земја ги покривам
зборовите ми умираат
како војници во бесмислена битка
кај што никој жив не останува
безимени
со броеви наместо тела
жигосани во пепел
ми умираат сите зборови
за тебе
за себе
за да си олеснам
заедно со солзите
за да те исплачам
и ми доаѓа
рацеве во утроба да си ги заријам
сета љубов да ја откорнам
да престане да ми вреска матката
да престане срцево да трча
и болкава да умре во мене
безгласно
да те снема
да ме снема
да те закопам
да ми останеш само лузна
без вкус
без мирис
без слоеви тежина
без да трепнам
без сила
ниту волја
или надеж
со очи ококорени и суви
со раце ладни и груби
со лушпа
под која веќе ме нема
ми умираат зборовите
по тебе
по себе покрај тебе
и копам
ги запретувам
сите зборови сосе љубовта
со земја ги покривам
без да оставам знак врз нив
за да немам каде
каде да се вратам
[button color=”#000″ background=”#fff” size=”small” src=”http://majkatiitatkoti.com/prikaski-za-mali-deca/ana-bunteska/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор[/button]
Посетено 706 пати