Патување

Кога одиме на некое патување, возбудени сме. Ден претходно ги избираме најубавите фустанчиња, најомилените парчиња облека. Си земаме со себе се што не радува, што не исполнува со задоволство, што не опушта. Добра книга, добра музика… И сето тоа во мал куфер го собира. Доволен ни е. А кога ќе пристигнеме на посакуваната дестинација, обично придружувани од најдобрите луѓе кои сме ги избрале да бидат покрај нас, си велиме… ограничено ми е патувањето. Морам максимално да го искористам. Да видам се што може да се види. Нема да ситничарам, да се замарам со глупости, да се нервирам, да се расправам. Не, ќе го оставам тоа за потоа. Ќе се забавувам! Ќе уживам!

Кога живееме и додека живееме, зошто возбудени не сме? Зошто се однесуваме како да сме дошле на овој свет за да останеме засекогаш? Како да ќе живееме вечно. Како да за нас секогаш ќе има ново утре. А ќе го нема. Си ги чуваме најубавите фустанчиња, си ги штедиме најомилените парчиња облека. Им го поклонуваме времето на ситниците, глупостите, непотребните нервози и бесцелните расправии. А штедиме од времето за забава и уживање. Сето убаво, го оставаме, го одложуваме за утре. Заедно со најдобрите за нас луѓе. И нив ги туркаме од ден во ден, од денес, во утре. Зошто од некоја причина, убедени сме дека вечно ќе сме тука, оти времето неограничено ни е. Па ги лишуваме блиските од нас, и себе си, од нив. Мислам навистина, зошто да те сакам денес, кога можам утре? Зошто да ти се извинам денес, ќе го направам тоа утре? Зошто да се смеам и забавувам денес, кога има и утре? И се така… животот ни поминува додека кроиме планови за утре кое никогаш не доаѓа… Едноставно затоа што за утре секогаш останала некоја неиспразнета нервоза, недовршена кавга, недоизживеана ситница со која мораме да се позанимаваме итно и неодложно… оти за се друго, има време.

За моментот, кога касно ќе ни биде, кога ќе не удри безмилосно сознанието дека не сме дарувани со вечен живот, дури и за тој момент не размислуваме денес. А зошто, кога можеме за тоа да размислуваме од утре? За денес имаме недовршена работа. Појди, доискарај се со сопругот, нервирај се за двата погрешни збора што ти ги упатила колешката, терај му инат на комшијата зошто пред твоја гаража ја паркирал колата, зацрни му го животот на детето зошто закаснило 5 минути, тресни си ја уште неколку пати главата од ѕид зошто несакајќи си ја скршила чашата или си ја изгорела кошулата при пеглање… Колку несовршени суштества сме ние. На толкава интелигенција и доминација над целиот жив свет на планетава, тешко ни е, најтешко ни е да сфатиме дека овде сме на поминување, дека ни е ограничено времето од доаѓање до заминување, дека животот е ништо друго, тука само една обична дестинација, временски ограничено патување…

Посетено 535 пати