Ние бевме родени еден за друг, јас за тебе, ти за друга

rodeni eden za drug_majkatiitatjotiСедам стуткана во ќебе, држам шолја жешко кафе во рацете и повторно
се сеќавам, повторно ги гледам сите твои слики и се прашувам
каде се нашите заеднички слики?
Зошто не постојат, ниту една, а би требало да бидат минимум илјада на кои се оковечени сите мигови кои ги доживеавме заедно.
Повторно собрав храброст и ја пуштив нашата песна.
Се сеќавам како ти лежев во прегратки, како ми ја галеше косата и ме стискаше нежно, се припивав во тебе, посакувајќи моментот да трае вечно.
Во позадина свиреше оваа песна, што ни ги спои срцата и му го даде епитетот “нашата” песна.
Никој не знае, ниту пак ти како се чувствував во тој момент на среќа исполнет со љубов, која беше на претек, само една капка фалеше таа да се излие од моето срце и да ти каже Те сакам.
Чувствував дека и ти се чувствуваш исто во тој момент.
Ти реков дека сакам да ти кажам нешто, но се срамам. Капката од љубов конечно капна врз моето срце и го ослободи, љубовта се прели и сакаше да ме удави.
Јас се борев, се борев викајќи “Те сакам”, врискав, но во себе.
Ми рече дека и ти сакаш да ми кажеш нешто, но подобро ќе биде да молчиме, да оставиме тишината да зборува за нас, да го уживаме моментот кој многу луѓе во светот никогаш нема да го доживеат.
Тогаш сфативме дека сме родени еден за друг, јас за тебе, а ти за друга, сега сфаќам.
Кафето се олади, повеќе не ми ги топли рацете, испушта една последна пареа и мирис кој ме повикува да го вкусам, исто како нашата љубов, кога испушташе последен здив повикувајќи го твоето срце да ја вдоми.
Ти ми беше сродна душа, а јас тебе играчка која брзо ти се здосади и ја фрли, во купот на играчки собрани во тој твој пакет во кој ги чуваш спомените од сите твои бивши.
Те терав да го фрлиш тој пакет, да ги изгориш сликите, не бидејќи бев љубоморна, се чувствував повредена.
Не постоеше подарок кој би те потсетил на мене кога ќе ме нема, бидејќи знаев дека еден ден ќе ме оставиш, не постоеше слика која ќе ја гледаш и ќе речеш, ете тоа беше мојата малечка.
Таа што ме сакаше многу, можеби и премногу, но сепак јас си ја сакав бившата.
Немаш ништо мое, а се ми зеде, каква иронија.
А јас ништо не ти зедов, но сепак се ме потсеќа на тебе.
Бакнежите, допирите, книгата што ми ја поклони која ми го смена животот, зеленото фустанче на кое толку се радував, како мало девојче, тој приврзок со бројот 1, бидејќи јас сум била бројот 1 за тебе.
Ми иди да се насмеам, како тоа јас бев бројот 1, а не сум знаела?
Како можеше да го оставиш бројот еден и да тргнеш во потрага по други броеви кои никогаш нема да ја имаат мојата вредност, се чудам.
Бидејќи бројот 1 е прв во се, најдобар, каде ќе најдеш подобра?
Не ме засега, барај.
Би ти пружила втора шанса или трета, можеби десетта, не се сеќавам повеќе колку ги имаше.
Би ти пружила безброј шанси, но не ми дозволува раната на срцето.
Би ти пружила милион шанси, но што фајде кога знам дека нема да ги искористиш?
Што фајде да те гледам како свое дете кога си роден за друга?
Посетено 3.147 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!